Првото градско дерби меѓу Бенфика (на времето Спорт Лисбоа) и Спортинг се одиграло на 1 декември 1907 година. Тогаш дури осум поранешни фудбалери на Бенфика преминале во Спортинг, кој славел после автоголот на основачот на Бенфика, Козме Дамиао во второто полувреме. Натпреварот завршил 2-1.
Во 108-годишната историја на овие два клуба имало многу падови и воздигнувања. Официјалната статистика брои 294 меѓусебни средби. Бенфика победила на 128 натпревари, Спортинг на 105, а останатите завршиле нерешено. Бенфика нема комплекс ниту кога игра на стадионот на Спортинг, каде има дури 30 победи и 32 порази.
Како секое градско дерби, така и Лисабонското има своја класна поделба. Првиот стадион Естадио Да Луж на Бенфика бил од цемент, а за него средства донирале навивачите кои ја создале сликата за Бенфика како клуб на народот.
Од друга страна, Спортинг благодарение на кралството важел за клуб на угледната фела во Лисабон. Основач на зелените е Хозе Алваладе, кој добил финансиска помош од неговиот дедо Кралот Карлос Први. На почетокот на '60-те години и Бенфика доби свој некрунисан крал. O Rei, кралот Еузебио кој ќе стане легенда на клубот.
Приказната за Еузебио е необична, затоа што како млад играл за филијалата на Спортинг Лисабон во Мозамбик (португалска колонија), а претходно два пати бил одбиен од претседателот на Бенфика Лоренцо де Маркез. Кога дошло време да заигра во Португалија, Спортинг немал доволно средства за поголем договор, па Бенфика ја исправила грешката од минатото.
Тренер на Бенфика во тој период бил фамозниот Бела Гутман, кој подоцна го проколнал клубот да не освои ништо, затоа што му останале должни. За тоа проклетство веќе пишувавме.
Кога во 1960 година Еузебио пристигнал во Европа, Спортинг и Бенфика на домашно ниво имале по 10 титули, но не стигнале до ниту едно финале на европските купови. По заминувањето на Еузебио во 1975 година, Бенфика го освојува единствениот трофеј во КЕШ. Во моментов Бенфика има 21 титула, а Спортинг стои на 14 освоени.
И покрај тоа што Порто освои 7 титули во последните 10 години, ривалството меѓу Бенфика и Спортинг не го намалува својот интензитет. Во 2011 година, Порто ја освои Примеира со 21 бод повеќе од Бенфика и 36 повеќе од третопласираниот Спортинг. Сепак, работите се сменија лани кога Бенфика ја освои титулата, а втор не беше Порто, туку Спортинг. Зелените не ѝ се радувале на титулата од 2002. година.
Кога навивачите се во прашање, Бенфика е нешто како Јувентус во Италија. За Црвените навиваат речиси 6 милиони Португалци. Новата улица Авенида Еузебио да Силва Фереира е долга 2,2 километри и таа ги разделува стадионите на Спортинг и Бенфика. Десет минути со автомобил или 40-ина минути пешки од едниот до другиот фудбалски храм.
Последното дерби се одигра на 8. февруари годинава, кога Бенфика израмни во 94' минута од мечот кој заврши 1-1. Недела дена претходно се играше и дерби во футсал, кога навивачите на Бенфика извадија знаме „Многу лесна 96-та“. Со тоа алудираа на смртта на 36-годишниот навивач на Спортинг Руи Мендес, кој во 1996-та година бил погоден од „лесен факел“ по што загинал.
Последното дерби мина со меѓусебни пецкања, од кои најинтересно делуваа знамињата и паролите на двете страни. Навивачите на Бенфика извадија знаме со ликот на Еузебио под кое стоеше парола „Му се плашите дури и кога е починат“, а оние на Спортинг вратија со знаме на Кристијано Роналдо и трите Златни Копачки кои ги освои седумката на Реал. Три Златни Копачки има и Еузебио. Стадионот беше исполнет до последното место, 49.076 гледачи што е рекорд за стадионот Хозе Алваладе.
Во моментов, по 26 одиграни кола на табелата води Бенфика со 65 бодови. Втор е Порто со 62, а Спортинг Лисабон има 56 бодови.