Два за Интер, осум за Манчестер Сити, три за Италија и седум за Милан. Ова се сите 20 постигнати голови за палавото момче кое често пати ги полни страниците во весниците со своите глупости, но на ова поле се истакнува како сериозен фудбалер кој не знае да промаши од белата точка.
Единствениот голман кој може да се пофали дека му одбранил пенал на Балотели е Омар Росето од екипата на Читадела. Но тоа се случило во 2006 година, додека Марио имал 16 години и настапувал за младинскиот тим на Лумецане. Откако почнал со кариерата во сениорска категорија ги шутира без грешка.
Последниот фудбалер кој само поради едно промашување не успеал да погоди 20 од 20 е поранешниот италијански репрезентативец Роберто Бонинсења кој настапувал за Интер и Јувентус во 60-те и 70-те години. Со 19 гола по ред тој има постигнато најмногу пенали по ред во италијанското првенство.
„И јаз бев незапирлив од белата точка во мое време. Всушност успеав да постигнам 20 по ред исто како Супермарио, но последниот не ми го признаа затоа што тој натрпевар го загубивме службено. Еден ден ќе погреши и Балотели, но му посакувам тоа да не биде одлучувачки пенал и да му се случи за 5 години", вели Бонинсења.
Со пеналите на Марио Балотели се позанимавал поранешниот италијански голман Џовани Гали кој забележал дека секогаш ги шутира во два агли. Кога залетот му е бавен го одбира едниот агол, а доколку се затрчува побрзо шутира во другиот агол.
„Нема да ви кажам точно на кои страни бие кога се залетува бавно или брзо при удар, не сакам да му ги откријам тајните затоа што не би било фер спрема него. Голманот кој може според мене да му одбрани пенал е Нојер од Баерн Минхен. Физички е одлично спремен, покрива голем дел од голот и има одличен рефлекс", смета Гали.
На Балотели може да му подзавидат големи фудбалски имиња кои шутирале по минимум 20 пати од белата точка во Серија А, но не успеале да останат на 100% реализација. Најпрецизен од нив бил Џузепе Балдини со 19 од 20, а на оваа листа се и Златан Ибрахимовиќ, Марко Ван Бастен и Марадона.
Како голем пеналџија во фудбалот се смета и легендарниот Јохан Кројф кој погодил 76 од 82 обиди. Роберто Баџо во Серија А од 83 обиди бил прецизен 68 пати, а за најдобар во анлискиот фудбал па и во светот се смета Метју Ле Тисиер кој од 48 обиди промашил само еднаш.
За пеналите Пеле смета дека е ситен начин за постигнување гол, Марадона вели дека ги промашува оној што има храброст да ги шутира, а Балотели смета дека е тоа е игра на нерви „Ако се помрдне пред мене, значи дека веќе ја изгубил битката“, рече Супермарио.