Најголемата украинска фудбалска легенда и Златна топка, беше во Скопје во улога на претседател на Фудбалската федерација на Украина, фукнција на која беше едногласно избран со 93 гласа, пред само два месеци.
Дојде да ја гледа селекцијата на Украина за играчи до 19 години, за која настапува син му Кристијан, во квалификациски меч за ЕП против Македонија. Резултатот му се посреќи. Си замина со победа од 0:2 и дрес кој му го подари Муамед Сејдини.
На трибините на стадионот „Петар Милошевски“, се виде и со Горан Попов, со кој настапуваа заедно за Динамо Киев во периодот 2010-2012.
Тогаш Шева одлучи да и стави крај на величествената фудбалска кариера, кога имаше 35 години. 704 клупски настапи - 343 гола. 111 репрезентативни настапи - 48 гола, прв стрелец и ден денес за Украина.
Блесокот го направи во дресот на Милан каде за 7 сезони стана втор стрелец во историјата на клубот со 175 гола, а на два пати беше и најдобар стрелец во Серија А со 24 гола. Го држи и рекордот на најмногу постигнати голови во градското дерби со 14 погодоци.
Росонерите го ангажираа во 1999-та за рекорден трансфер во тоа време од 25 милиони евра. Дојде со пет титули од Украина освоени со Динамо Киев по ред и растури и на италијанска и на европска сцена.
Освои Скудето, Куп на Италија, Супер Куп, Лига на шампиони и Супер Куп на УЕФА. Решаваше клучни натпревари, како полуфиналето во ЛШ против Интер, како и финалето против Јувентус кога го изведе последниот пенал.
Се памети оној негов ладнокрвен, но и плашлив поглед пред да се соочи со Буфон на Олд Трафорд во таа 2003-та. Стигна до 48 голови во ЛШ, а десеттата позиција на вечната листа на стрелци ја дели со Ибра. Само еден гол им бега Алфредо Ди Стефано, а два Тјери Анри.
Ќе остане во историјата како прв Украинец со титула во ЛШ. Медалот го закачи на статуата на полковник Валериј Лобановски, таткото на украинскиот фудбал кој има најголема заслуга за неговиот развој.
Зборуваме за вториот најуспешен тренер на сите времиња зад Фергусон со 33 освоени трофеи и најуспешен тренер на 20-ти век. Лобановски е најпознат по успесите со Динамо Киев кој го направил најдоминантен клуб во советскиот фудбал во 70-те и 80-те освојувајќи 8 титули и 6 купа во 16 години.
„Основниот тренинг на Лобановски во Динамо Киев се викаше „Искачување на смртта“, а се трчаше по угорница од 18%. Одевме постојано нагоре-надолу, а неговите помошници водеа евиденција во тефтери. Тој што повраќа, нема да биде во прв состав“, раскажа Шева кој го посети гробот и статуата на неговиот поранешен тренер и следната 2004-та кога ја освои Златната топка.
За малку не дочека да ги види фудбалските височини на неговиот екстра талентиран ученик кој го челичел за да стигне до врвот. Почина во 2002-ра на 63 години.
Инаку Шева ја облече и седумката на Челси, кога во 2006-та замина за 43 милиони евра. Освои ФА Куп и Лига Куп под водство на Мурињо, но не успеа да израдува на уште една титула во ЛШ. Во финалето 2008-ма загуби од Манчестер Јунајтед.
Покрај тоа што е прв стрелец на Украина, тој беше капитен кога неговата земја стигна до првото четвртфинале во историјата на Мундијалите, тоа се случи во Германија 2006. Играше и на ЕП 2012.
Како славен напаѓач на Милан, една година откако освои ЛШ, дојде за прв пат во Скопје на пријателска против Македонија. Ја реши Горан Ставревски за победа на избраниците на Цапар од 1:0, меч од кој украинската пушка нема добри спомени.
Не само поради поразот, туку и поради дуелот со Милан Стојаноски кој во дуел игра го удри и му ја раскрвари муцката. Шева се налути и замина во соблекувална, а публиката го испрати со свирежи. На видеово го има и голот и фаулот над Шева.
Инаку во 2012 од фудбал премина во политика и се кандидираше на избори, но неговата партија не успеа да влезе во парламентот.
Четири години подоцна му се врати на фудбалот како помошник тренер во репрезентацијата, а по 6 месеци стана селектор. И тука доаѓаме до второто соочување со Македонија, тоест трето, бидејќи пред мечот во Скопје, Македонија една година претходно одигра пријателска во Киев која заврши без голови.
Овој пат како предводник на Украина која на ЕП 2020 ја однесе до четвртфинале. Во групната фаза Македонија загуби 2:1, а Шева по мечот го тешеше Пандев. Истата година, потоа му стана и тренер, но на само 11 меча или само два и нешто месеци.
Јак лик е Шева, остави голем белег во фудбалот, а меѓу многуте награди и признанија кои ги има е и прогласувањето за „Херој на Украина“. Се работи за највисоката почесна титула во Украина, воспоставена во 1998-ма од тогашниот претседател Леонид Кучма, која се доделува за исклучителен херојски подвиг или извонреден спортски успех.
После политичката авантура, селекторската функција и краткиот тренерски излет во Џенова, Шевченко кусо време беше и попретседател на Олимпискиот комитет на Украина. Од јануари годинава е прв човек на фудбалската федерација.
Инаку близок пријател му е Џорџо Армани со кој отворија два бутици во Киев. Се сликаше и како модел за светскиот бренд.
Токму славниот моден дизајнер го запозна Шева со американскиот модел Кристен Пазик со која има четири синови: Џордан (2004), Кристијан (2006), Александер (2012) и Габриел (2014).
Свадба направија пред 20 години на голф терен во Вашингтон, а на почеток зборувале на италијански, бидејќи Андриј не зборувал англиски, а Кристен не разбирала украински.
Има еден муабет, дека само двајца играчи на Милан смееле да се возат со јахтата на Берлускони. Тоа се Андриј Шевченко и Дејан Савичевиќ.
Тоа се непотврдено, но она што може да се најде како податок е дека кум на првото дето на Шева е токму Берлускони.