Добротворната организација за заштита на геј првата Стоунвол побара од сите професионални фудбалери од Англија и Шкотска на наредните натпревари да бидат дел од кампањата за борба против хомофобијата.
Тие испратија врвки со боите кои се заштитен знак на геј движењата за сите фудбалери од Премиер лигата, потоа за играчите од останатите три лиги, како и за 42 екипи од шкотскиот фудбал со барање да ги носат наредното коло на 21 и 22 септември.
„Време е клубовите и играчите да направат еден чекор понапред во битката против хомофобијата во нашиот национален спорт. Со носењето на овие врвки на нивните копачки тие ќе испратат порака за поддршка на своите колеги-хомосексуалци и ќе почнат да ја искоренуваат оваа кочница во фудбалот во 21 век", изјави шефот на Стоунвол, Лаура Дути.
Ретки се случаите некој фудбалер од островот отворено да проговори за неговата сексуална ориентација. Американскиот фудбалер Роби Роџерс кој додека настапуваше за Лидс откри дека е геј и се пожали дека не можел повеќе да ја продолжи кариерата во Англија поради менталитетот на луѓето и премина во Лос Анџелес Галакси.
Пред него само двајца играчи тоа го сторија јавно. Џастин Фашану кој настапуваше за младинската репрезентација на Англија призна во 1990 година и Швеѓанецот Антон Хајсен во интервју за шведски фудбалски магазин пред две години.
Првата поддршка за оваа кампања пристигна од фудбалерот на КПР, Џои Бартон кој на Твитер напиша дека сексуалната определба кај фудбалерите не треба да претставува проблем.