Со Металург нема играње играчки

Нашата ракометна гордост е пред голем чекор да испише нова историја во македонскиот машки ракомет. Во првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите, во Белорусија падна тимот на Динамо Минск кој беше тотално надигран и совладан со 26:23. 

Одличното издание на Металурзите се покажа уште на самиот старт кога први го отворија резултатот и по 10 минути игра имаа предност од 5:2. Најконкретен и најпрецизен во нападот беше Наумче Мојсоски кои во првиот дел постигна 5 погодоци.

Металург ја контролираше играта и мудро ја одржуваше предноста која беше највисока во 14 минута со резултат 8:4. Белорусите израмнија на 6 минути до крајот на првиот дел, но благодарение на одбраната на Станиќ и брзите контри на Георгиевски и Ракчевиќ, македонскиот шампион повторно премина на +2.

Во 27 минута од мечот Динамо по втор пат го израмни резултатот, но ракометарите на Лино Червар беа упорни и по одбраната на Митревски, Гоце Георгиевски повторно погоди за водство на Металург на полувремето од 14:12.

Вториот дел продолжи во ист ритам. Ракометарите на Динамо Минск и покрај домашниот терен и поддршката од публиката на моменти делуваа изгубени во играта и без идеја во нападот. По само 4 минути игра Металург направи предност од 4 гола разлика, а во 42 минута предноста беше +5.

Во 50 минута од мечот беше тензично на паркетот. Казна од 2 минути исклучување доби Вугринец, а веднаш потоа и Миркуловски. Во еден момент од записничката маса се слушна звукот на свирчето за тајм аут кој не беше јасно кој го бара, а тоа предизвика бурни реакции во нашиот табор. Мојсоски заработи искучување, а Металург со тројца ракометари прими два гола.

На 5 минути до крајот на првиот дел Червар свика тајм аут и побара мирно да се доигра мечот. Во серија влезе и Дарко Станиќ кој се врати на голот во второто полувреме, во кое солидна партија имаше и Никола Митревски. 

Белорусите се обидоа барем да ја намалат предноста, но по негативата од два гола разлика, со звукот на сирената погоди Филип Миркуловски за предност од три гола пред реваншот во „Борис Трајковски“ кој се игра на 23 март.

Најдобар поединец на мечот беше Наумче Мојсоски со 9 гола, а фантастичен натпревар одигра и Ракшевиќ кој постигна 7 погодоци. Станиќ го заврши мечот со вкупно 10 одбрани.