На еден месец пред најголемиот фудбалски спектакл на планетата, селекторот на Германија, Јоаким Лев го објави списокот на репрезентативци кои ќе отпатуваат за Русија во одбрана на златниот пехар.
Од него ќе отпаднат четворица, бидејќи за сега тој е проширен во бројка од 27 играчи, а конечниот мора да брои 23-ца.
Тие што како клише се нарекуваат слатки, повеќе изгледаат на тешки маки за селекторот кој во големата конкуренција мора да пресече кого да остави дома.
Откако Германија киксна уште во првата рунда на ЕП 2000, федерацијата сврти нов лист и состави приоритетна програма со задолжителни обуки за млади играчи. Таа долгодишна работа им го донесе освојувањето на Мундијалот пред 4 години, на кој му претходеше едно второ и едно трето место.
Тоа придонесе Лев да има изобилство на таленти кои му стојат на располагање. Во проширениот состав германскиот стратег има дури 17 имиња кои не беа на Мундијалот во Бразил, а меѓу нив има петмина 22 годишни и двајца 23 годишни играчи.
Од старите добро познати лица кои го бакнуваа златниот пехар се Месут Озил, Томас Милер, Тони Крос, Џереми Боатенг, Сами Кедира и Матс Хумелс. Овие играчи се темелот на тимот кои треба да им помогнат на младите да се интегрираат.
Свежина во составот на светскиот првак се очекува да внесат Џошуа Кимик од Баерн, Лирој Сане од Сити, Тимо Вернер од Лајпциг, Џонатан Та од Баер Леверкузен...
Како што е познато, ќе ги нема Клосе и Лам кои се повлекоа од фудбалот, како и Швајнштајгер и Подолски кои се во репрезентативна пензија.
Во поширокиот состав ги има повредените Мануел Ноер, кој страшно многу му фалеше на Баерн во нокаут фазата од Лигата на шампионите, како и повратникот Марко Ројс кој по скинатите лигаменти сезонава има само 11 настапи во Бундеслигата.
Фудбалерот на Борусија кој поради повреда не отпатува во Бразил, би требало да биде во конечниот список, а сè уште се чека дали ќе закрепне Ноер, капитенот кој внесува еден тон морал и доверба во тимот и без кој тешко ќе и биде на Германија.
Изненадувачки за некои, но не изненадувачки за тие што ја следат Бундеслигата е изоставувањето на Марио Геце кој го постигна победничкиот гол во финалето против Аргентина. Геце направи кам бек во Борусија Дортмунд, но поради здраствени проблеми со метаболизмот не играше многу и не е тој истиот.
Голмани: Мануел Ноер 32 (Баерн Минхен), Бернд Лено 26 (Баер Л.), Марк Андре теш Штеген 26 (Барселона), Кевин Трап 27 (ПСЖ)
Одбрана: Јонас Хектор 27 (Келн), Џошуа Кимик 23 (Баерн Минхен), Марвин Платенхард 26 (Херта), Антонио Рудингер 25 (Челси), Никлас Суле 22 (Баерн Минхен), Џонатан Тах 22 (Баер Л.), Џереми Боатенг 29 (Баерн Минхен), Матс Хумелс 29 (Баерн Минхен).
Средина: Џулијан Бранд 22 (Баер Л.), Леон Горецка 23 (Шалке), Илкај Гундоган 27 (Манчестер Сити), Себастијан Руди 28 (Баерн Минхен), Месут Озил 29 (Арсенал), Сами Кедира 31 (Јувентус).
Напад: Нилс Петерсен 29 (Фрајбург), Марко Ројс 28 (Борусија Дортмунд), Марио Гомез 32 (Штутгарт), Лирој Сане 22 (Манчестер Сити), Тимо Вернер 22 (Лајпциг), Томас Милер 28 (Баерн Минхен), Тони Крос 28 (Реал Мадрид)
Болдирани се играчите кои не беа дел од СП 2014.