Фудбалерите на Сан Лоренцо го совладаа градскиот ривал со 3:1, но Аргентинците веќе во петтото коло од домашното првенство ја изброија првата жртва во новата сезона.
Според аргентинскиот весник Оле се работи за 24 годишен навивач на домашниот состав, кој неколку минути пред крајот на средбата паднал од трибина висока 50 метри. За време на гужвата за малку ќе настрадал и друг навивач кој бил прегазен и кој веднаш е однесен во болница, а истовремено за рака го држел и 4 годишниот син.
„Не можеме да славиме после оваа трагедија“, искоментирал тренерот на Сан Лоренцо Едгардо Бауза кој минатата година му ја донесе првата титула во Копа Либертадорес на тимот од Буенос Аирес.
Градското дерби предизвика многу полемики и во однос на судењето, а најдиректно критикуваше фудбалер од гостинскиот тим.
„Ни го украде мечот, тоа е судија кој предизвикува насилство. Сакам да го сретнам уште еднаш за да му го повторам тоа што веќе му го кажав на терен“ изјави Рамон Абила.
Пред крајот на мечот, навивач на Сан Лоренцо влезе на терен и се стрча накај гостинскиот тренер, но беше фатен од полицијата пред да му се доближи. Головите и драгоцената победа против градскиот ривал не ја прославија ниту претседателот и директорот на клубот кои веднаш заминале кај семејството на загинатиот навивач.