РОНАЛДИЊО (1980)
Бразилскиот ас е најпознатиот играч кој летово не успеа да добие соодветна понуда и остана без екипа. За неговите услуги беа заинтересирани Бешикташ, Коринтијанс и Њујорк Ред Бул, но Роналдињо реши да почека со одлуката каде ќе ја продолжи кариерата.
Како често потенцира дека го фаќа носталгија кога игра во Европа, извесно е дека некогашната ѕвезда на Барселона ќе остане во татковината каде имаше позитивно искуство со Атлетико Минеиро.
ВИКТОР ВАЛДЕС (1982)
Повредата на коленото која го одвои цела година од теренот му го расипа преминот во Монако. Привремениот репрезентативец на Шпанија се' уште тренира внимателно, а Ливерпул е најзагреан да го ангажира во своите редови.
ЏОНАС ГОНКАЛВЕС (1984)
Изненадува податокот дека играчот кој за 4 сезони во Валенсија постигна 51 гол на 157 натпревари летово не можеше да најде клуб.
Договорот со тимот од „Местаља" му истече на 1. септември, а за Бразилецот се заинтересирани клубови од француската Лига 1.
ДИЕГО ЛУГАНО (1980)
Во ПСЖ не остави трага, а последен клуб каде играше Уругваецот беше англискиот Вест Бромвич. Лугано во Премиер лигата играше со цел да ја одржи формата пред Мундијалот во Бразил летово.
Лугано е искусен централен дефанзивец и сигурно е дека наскоро ќе најде клуб. За него е заинтересиран турскиот Трабзонспор.
НИКОЛАС АНЕЛКА (1979)
Пред само една година, Французинот стана шампион на Италија со Јувентус, а потоа играше во Вест Бромвич.
Во премиерлигашот, Анелка се соочи со критики откако после еден гол нацистички ги отпоздрави навивачите. Индиската Супер лига е потенцијална дестинација на играчот кој смени преку 11 клубови во кариерата.
ХУГО АЛМЕИДА (1984)
Португалскиот репрезентативец ги мина последните 4 сезони во турскиот Бешикташ. Во си-вито има 47 гола на 110 натпревари во турската лига.
Станува збор за центарфор со исклучително прецизна левица и добар дуел играч.
Можно е да се врати во Португалија или да потпише со Вест Хем.
АНДРЕА ДОСЕНА (1981)
Далечно минато се златните години на Досена во репрезентацијата на Италија и Ливерпул. Левиот бек минатата година ја мина во Сандерленд.
За него се заинтересирани Наполи, Каљари и Сампдорија.
ГАБИ МУДИНГАЈИ (1981)
Во последните две години, играчот од средниот ред забележи 17 настапи за Интер.
Следуваше повреда на петата, по што тренерот Валтер Мацари одлучи дека договорот со некогашниот играч на Лацио нема да биде продолжен, а сега токму римскиот клуб е загреан за Мудингаји.
АНДРЕ ДИЈАЗ (1979)
Возраста и слабата физичка подготвеност беа причините поради кои Лацио не го задржа стоперот кои 4 ипол години играше на „Олимпико".
Второлигашки екипи со задоволство би го виделе во своите редови.
АНТОНИ РЕВЕЉЕ (1979)
Францускиот интернационалец има 35 години и многу претрчани километри во кариерата. Неговото име беше синоним за позицијата десен бек на Лион, а лани 18 пати играше за Наполи, претежно како резервен играч.
Можноста да игра на двете бековски позиции ја зголемува неговата вредност на пазарот. За Ревеље се заинтересирани Сент Етјен и Бастија на Макелеле.
ЈОРГОС КАРАГУНИС (1977)
Капитенот на грчката репрезентација ја заврши својата авантура во Фулам, кој испадна од Премиер лигата.
Во последното интервју за англиските медиуми, Карагунис најави пензија, но игрите на Светското во Бразил покажаа дека уште може да игра на високо ниво.
Атински АЕК е заинтересиран за некогашниот играч на Интер.
МАРКО ДОНАДЕЛ (1983)
Детето на Милан како играч на Наполи лани повеќе седеше на трибините, отколку на теренот. Откако му заврши договорот со Наполитанците, Донадел е во потрага по нов клуб.
Динамо Загреб сака да ја зголеми конкуренцијата во средниот ред пред натпреварите во Лига Европа, па решил да го контактира менаџерот на Италијанецот.
ПАРК ЧУ-ЈОНГ (1985)
Кореанецот имаше предиспозиции да стане најдобар играч од оваа земја на сите времиња. Од Монако, каде играше 3 сезони (2008-2011), замина во Арсенал.
Кај Венгер само еднаш настапи во стартната постава, така што летово не доби продолжување на договорот од „тобџиите". Шпанскиот Хетафе го гледа како идеално решение во нападот.