Челниците на англискиот клуб Стоук Сити не можеа да смислат подобар начин за да ги израдуваат своите навивачи на еден месец пред новата сезона во Премиер лигата со одлуката да им го платат патот на сите заинтересирани фанови кои ќе одат на гостувањата со клубот во целата сезона.
„Јасно ни е дека е скапо да се бодри клубот кога гостува и се надеваме дека со овој потег ќе ги охрабриме навивачите да дојдат во што поголем број за да не бодрат. Работиме напорно за да им го обезбедиме тоа што им е потребно, па затоа ниту еднаш не сме ги качиле цените на влезниците откако во 2008 година влеговме во првата лига", изјави директорот на Стоук, Тони Сколс.
Ова не е прв пат раководството на клубот да им помогне на своите навивачи. На четвртфиналниот меч против Ливерпул од ФА Купот тие платија 45% од вредноста на билетите па така наместо по 35 фунти за гостувањето на „Енфилд Роуд" навивачите на Стоук платија по 20 фунти.
Англиските клубови потпишаа богат договор за продажба на ТВ правата во вредност од 5,5 милијарди евра за 3 сезони и освен за засилувања парите некој се сети да ги вложи и за потребите на своите најверни навивачи.
Стоук Сити ќе биде запаметен како прв англиски клуб кој направил вакво нешто за своите фанови и кој се однесува на сите 19 гостински мечеви. Во првото коло од новата сезона клубот му гостува на тимот на Ливерпул.