Откако во 2010. година замина во Њујорк Ред Бул, се чинеше дека на Рафаел Маркез по одлуката да игра фудбал во САД, не му бега пензија. Сепак, после четири години, еве го повторно назад во Европа, овој пат во дресот на Верона.
Фудбалска Италија летово стана рај за неколку големи ѕвезди кои како ветерани ќе ја испробаат италијанската лига. Немања Видиќ (Интер), Патрис Евра (Јувентус), Алберт Риера (Удинезе), Кеита (Рома), Алекс (Милан), Алмунија (Каљари), се играчи кои имаат над 30 години.
Очигледно е дека врвните клубови од Италија се’ почесто се решаваат да доведат фудбалери на кои им е истечен договорот и кои би дошле без обештетување.
Во време кога имињата на квалитетните фудбалери во лигата се дискретни, италијанското првенство никако да се врати на некогашното ниво кога екипите од Серија А доминираа во Европа.
Најголемите клубови на Чизмата, таквите потези ги оправдуваат со потребата за искуство, пред сè во одбраната.
Од друга страна, веќе докажаните напаѓачи Тоти, Ди Натале, Тони и Клосе како да му тераат инает на времето и сè уште на стари години ги полнат мрежите.