Индиското фудбалско првенство е основано во 2007. година а веќе од лани станува атрактивна дестинација за познати фудбалери во поодминати години, кои во Индија заминуваат како амбасадори, во промоција на фудбалот.
Амбициозните Индијци годинава ќе имаат лига формирана од 8 екипи: Атлетико де Колката, Бангалор Титанс, Делхи Динамос, Керала Бластерс, Мумбаи Сити, Норт Ист Јунајтед и Пуне Сити.
Целта на Индијците е да го свртат вниманието кон овој малку пратен спорт во нивната земја и да успеат здравје боже да се квалификуваат на некој следен Мундијал.
Од познатите фудбалски имиња во светот, во Индија ќе играат некогашниот англиски репрезентативен голман, Дејвид Џејмс, поранешните „топџии“ Пирес и Љунберг, данските репрезентатици Мортен Скубо и Мадс Јункер, шпанците Капдевиља (европски и светски шампион со Шпанија), Луис Гарсија (пораешна ѕвезда на Ливерпул) и Борха Фернандез.
Следно познато име кое ќе работи на популаризацијата на фудбалот во Индија е Давид Трезеге, некогашниот напаѓач на Јувентус и француската репрезентација. Трезеге беше на позајмица во Њу Олд Бојс од Ривер Плата, клуб со кој имаше договор до декември.
Трезеге кој во октомври ќе наполни 38 години, вели дека новата авантура и култура го привлекле да замине во Индија.
„Ќе бидам 3 месеци во Индија, толку трае тамошниот шампионат. Ќе откријам нови фудбалски искуства и сигурно дека ќе биде ново животно искуство за мене. Ме викнаа не само да играм, туку и да го промовирам фудбалот“ – вели Трезеге, кој потпиша за Пуне Сити, чиј тренер ќе биде Франко Коломба.
Клубот во кој ќе игра Трезегол годинава потпиша договор за спортска соработка со семејството Дела Вале, сопственици на Фиорентина. Од таа причина Пуне Сити ќе игра во виолетови дресови, а Италијанците се надеваат дека газдите на овој клуб би можеле да инвестираат во новиот стадион во Фиренца.