Македонскиот интернационалец Горан Попов беше на чекор до Премиер лигата откако тој и неговиот клуб Динамо Киев ги договорија условите за позајмица во Стоук Сити. Но неговиот трансфер пропадна во последен момент затоа што тој не доби работна дозвола.
За фудбалер кој доаѓа надвор од Европската унија да добие работна виза во Англија потребно е да исполнува два услови. Првиот услов кој Попов го исполнува е да има настапено на барем 75% од натпреварите на националниот тим во последните две години. А вториот услов е репрезентацијата да се наоѓа помеѓу најдобрите 70 на ФИФА ранг листата, а Македонија во моментов е на мизерното 102-то место.
„Кога пристигнав тука, се беше договорено, но ми кажаа дека има проблем со визата. Морам да си одам, немам избор. Проблемот е во англиските закони. Стоук е одличен клуб за мене и сакав да останам. Уште како мал сонував дека ќе играм во Англија", изјави Попов за Би-Би-Си.
Стоук Сити има право на жалба, но доколку таа биде одбиена, Попов ќе се врати во Украина.