„Ќе дадам три гола и ќе си одам“ рекол Ди Натале на 13 години, кога играл за пионерите на Емполи. Малку арогантно, одважно, но Антонио Тото Ди Натале го одржа зборот. И не само што даде три, туку даде 300 голови како професионален фудбалер, а јубилејот го прослави на 23. ноември годинава со голот против Киево.
Вечниот дечко, како што го викаат колегите, годината ја почна со гол на 19. јануари (Удинезе-Лацио 2:3) и ја затвори на 14. декември (Удинезе-Верона 1:2). Во 2014. година, Ди Натале даде 21 гол: 13 минатата сезона и 8 голови есенва.
И покрај тоа што во Италија играат напаѓачи со педигре, како Тевез, Игуаин, Љоренте и Клосе, Ди Натале има повеќе голови од нив. Тевез е втор стрелец во 2014. година со 18 погодоци, колку што има и Лука Тони . Игуарин не даде гол цел септември, поради што остана на 15 голови, колку што има и Каљехон од Наполи. Фернандо Љоренте во годинава што изминува даде 11 голови. Дестро не играше многу за Рома, но е прв стрелец на екипата со 4 погодоци оваа полусезона или вкупно 14 во 2014.
„Ако јас и Лука Тони даваме уште голови, значи дека нешто не е во ред“, изјави 37-годишниот Ди Натале.
Во Бундеслигата, вклучувајќи го и вториот дел од минатата сезона, лидер е Александар Мејер (31) од Ајнтрахт Франкфурт со 18 голови, од кои 13 eсенва. Арјен Робен има 15 голови, а во овој дел од новата сезона даде 10.
Во Шпанија, Кристијано Роналдо годинава постигна 38 голови, три повеќе од Лео Меси. И двајцата се недостижни не само во Примера, туку и во сите европски лиги заедно.
Ариз Адуриз од Билбао годинава даде 18 голови, колку што има и Карим Бензема. На квотата 17 голови застана Жоакин Ларивеј, кој прво прво играше во Рајо Ваљекано (10 погодоци), па во Селта Виго (7). Герет Бејл во 2014-та постигна 15 голови, а Нејмар 14. Во француската Лига 1, Златан Ибрахимовиќ даде 19 голови во текот на целата година, но пред него се Александар Лаказет од Лион со 23 голови и Андре-Пијер Жињак од Марсеј со 21 погодок. Кавани е дури осми со 11 голови, колку што има и Жуниор Тало од Бастија.
Во Англија треба да се доиграат уште две кола до крајот на полусезоната, а најмногу голови во 2014-та даде Вилфред Бони од Свонси, 20. Агуеро застана на 18, Јаја Туре има 16, а Ван Перси 12 пати стрелаше успешно. Диего Коста во Челси дојде летово и веќе има 12 голови.