Пионе Систо (25) е репрезентaтивец на Данска, роден во Кампала (Уганда) со корени од Јужен Судан.
Фудбалерот на шпанска Селта Виго толку се исплашил од пандемијата на коронавирус што решил безглаво со сестра му да влезе во кола и да вози до дома во Данска колку го држи снага.
Од Виго до Копенхаген поминал 3.000 километри со кола и возел речиси 27 часа без прекин, само за да биде меѓу своите блиски.
Од клубот му наложиле да се држи до мерките за изолација и карантин во време на вонредна ситуација на територија на цела Шпанија, а Систо кога видел дека се одложени сите летови, не размислувал за последиците кои ќе го чекаат.
Луѓето од Селта веќе најавиле дека Систо Пионе ќе биде драстично казнет зошто без дозвола го напуштил Виго. Откако четири сезони беше стандарден првотимец на Селта, Систо оваа сезона го изгуби тој статус. Во игра влезе на 19 меча и постигна 2 гола сезонава.
Целата приказна прв ја дознал Фелипе Мињамбрез, спортскиот директор на Селта кој неколку пати го ѕвонел ама не го добил Систо. Кога луѓето од клубот исплашени да не му се случило нешто, дошле до неговиот дом, виделе затворени врати и празно паркинг место.
НЕ МУ Е ПРВПАТ ДА ЈА ИЗНЕНАДУВА ЈАВНОСТА
Пионе Систо е невообичаен фудбалер. Тој во 2016 година од Мидтјиланд прејде во Селта Виго за шест милиони. Неговите соиграчи раскажуваат дека е прилично чуден лик.
„Симпатичен е, но чуден. Секогаш оди далеку од дома и секогаш е сам. Не излегува буквално никогаш ни кога одиме на пијалак ни на вечера“, вели капитенот и легенда на Селта Виго Јаго Аспас.
Минатата година добил казна од клубот затоа што на своја рака практикувал диета и само на овошје бил 21 ден по ред.
Понекогаш во спортскиот центар на Селта доаѓал со филозофски книги (меѓу нив и „Будење на интелегенцијата“). Систо редовно станувал уште пред изгрејсонце и сам пешател, а знаел и да им се јави сред ноќ на физиотерапевтите за да им одложи масажа.
Сево ова, пишуваат шпанските медиуми, најверојатно му е последица од страшната граѓанска војна во Јужен Судан од каде неговите побегнале во Данска, земјата во која Систо и овој пат стигнал исплашен.