Заврши сагата околу Папис Сисе и Њукасл откако фудбалерот сепак одлучи да го носи дресот со спонзорот за кој тврдеше дека е неприфатлив за него поради дејноста со која се занимава фирмата која ја рекламираат.
Уште при потпишување на спонзорскиот договор помеѓу Њукасл и Вонга, компанија која работи со кредити и заеми, Сенегалецот заедно со уште тројца клупски колеги одбија да го носат дресот со новиот спонзор со образложение дека исламската вероисповед не им го дозволува тоа.
28 годишниот напаѓач поради истите причини го пропушти и летните подготовски во Португалија, но по неколку неделните преговори со челниците на клубот, тој на крајот сепак одлучи да попушти, а со тоа веднаш ќе се врати во првиот тим.
Фудбалерот на Њукасл деновиве беше во центарот на вниманието поради една фотографија која осамна на социјалните мрежи на која е фатен како се коцка. Реакциите во јавноста беа негативни затоа што Сисе се претставуваше како голем верник, но по се изгледа дека нашол конечен компромис со клубот од каде нема да добие казна.