57-годишниот Андер Унг бил голем навивач на Бромапојкарна во минатото, но пред 20 години се отселил на 660 километри од Стокхолм и од тогаш тој нема можност да ги посетува домашните натпревари на неговиот омилен тим.
Но не ја пропушта шансата да го бодри тимот кога тие гостуваат во јужниот дел од Шведска. Така беше и викендов кога Бромапојкарна гостуваше во Солвесборг кај екипата на Мјалби. Тој се појавил на трибината од стадионот наменета за гостински навивачи, но бил осамен.
И покрај тоа што Унг бил сам, тој во текот на целиот натпревар пеел песни и ги бодрел фудбалерите на неговиот омилен тим, а тие знаеле како да му се заблагодарат.
По натпреварот, поранешниот член на Манчестер Јунајтед, Бојан Ѓорѓиќ му го побарал телефонскиот број и потоа му се јавил, соопштувајќи му дека тој ќе му го плати патувањето до Стокхолм за да може да присуствува на домашен натпревар на Бромапојкарна, а по мечот да им биде гостин во клубот и да се запознае со фудбалерите.