За потсетување, титулата ја доделува вебстраната на неофицијалното Светско фудбалско првенство (UFWC) во стил на боксерските титули, односно победникот на натпревар за светската титула станува неофицијален светски шампион. (клик тука за повеќе информации)
Репрезентацијата на Северна Кореја ја имаше титулата од ноември 2011-та година кога ја победи Јапонија, а Шведска последен пат ја имаа оваа титула во ноември 2008-та година.
А дека оваа титула не е толку безначајна говори и фактот што пред натпреварот, селекторот на Шведска, Ерик Хамрен изјави дека освојувањето на неофицијалното светско првенство е дополнителна мотивација за нивните фудбалери. По завршувањето на натпреварот, серверот на UFWC падна од напливот на шведски навивачи и вебстраната беше недостапна за прв пат по 10-годишното постоење.
Натпреварот помеѓу Северна Кореја и Шведска се одигра во рамките на турнир во северниот дел на Тајланд. Шведска настапи претежно со фудбалери од домашното првенство, без ѕвездите како Ибрахимовиќ.
Во регуларниот дел натпреварот заврши со резултатот 1:1 со головите на Фејзулаху и Сонг, а по изведувањето на пенали Шведска беше поуспешна со 4:1.
Шведска не само што ја освои титулата, туку по 3 дена веќе и ја одбрани. Во финалето на турнирот во Тајланд репрезентацијата на Шведска во саботата ја победи Финска со 3:0.
Веќе на 6 февруари ќе има многу интересен натпревар за титулата од неофицијалното светско фудбалско првенство. Репрезентацијата на Шведска ја пречекува Аргентина.