Што треба да знаете за противникот на Вардар во ЛШ

Славното минато и богатата историја на Малме не треба и не смее да претставува страв за македонскиот првак. Тие го имаа Златан, ние Дарко. Малме има 19 домашни титули, Вардар 10. Бројките на страна, на Вардар му престои тежок испит против поранешниот финалист во Лига на шампиони.

Првите две асоцијации за Малме се знае кои ни се: Златан Ибрахимовиќ и нашите печалбари кои ги има многу во шведскиот град, позициониран во југот на оваа земја или на само 46 километри оддалеченост од Копенхаген, ама по вода.
 
Се работи за првиот клуб на Ибра кој е роден во овој град и кој се уште го држи најскапиот трансфер во историјата на Малме и шведскиот фудбал. Во 2001-ва година, Ајакс за Швеѓанецот со босанско потекло искешира 8,7 милиони евра, што не беа воопшто малце за тоа време.
 
МАЛМЕ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Колкава е поврзаноста меѓу него, клубот и навивачите покажува неговото гостување со ПСЖ во групната фаза од ЛШ во сезоната 2015/2016. За карти беше тепачка, а цените стигнуваа до цена од 2.000 евра, небаре се работи за финале во ЛШ.
 
Важноста на неговиот настап во градот Златан совршено добро ја знаеше и за да се осигура дека ќе го гледаат што повеќе луѓе со помош на локалните власти организираше групно следење на плоштад.
 
На страна Златан, Лигата на шампионите не е баук тема за Малме кој бележи две учества по ред во Лига на шампиони, тоа се 2014/2015 и 2015/2016. Откако ги мина второто и третото квалификациско коло, Малме тие две сезони стигна до фазата по групи откако во плеј-офот прво го елиминираше Салцбург, а следната година Селтик.

Тоа се практично нивните два единствени настапи во групната фаза од новиот формат во ЛШ, стар 25 години. Во групна фаза имаа епизодна улога и минаа идентично двете години со по една победа и 5 порази. Прво се падна со Јувентус, Атлетико Мадрид и Олимпијакос, а потоа со Реал, ПСЖ и Шахтјор Доњецк.
 
Ако се вратиме во 70-те, ќе стигнеме до нивните најуспешни години кога освоија 5 титули и 4 купови и го остварија најголемиот успех во историјата на шведскиот фудбал, а тоа е финале во Лига на шампиони во 1979-та.
 
До историското финале во Минхен кое го загубија од Нотингем Форест со 1:0 стигнаа откако ги елиминираа Монако, Динамо Киев, Висла Краков и Австрија Виена, а нивниот успех беше награден со Златен медал во Шведска, кој се доделува за најголемиот спортски дострел на годината.
 
НАЈТРОФЕЕН ШВЕДСКИ КЛУБ

Дека Вардар нема да има наивен противник покажува долгата и богата фудбалска традиција на клубот кој постои 107 години и тежи рекордни 19 првенствени титули, 22 Лига Купови и 14 национални Купови.
 
Кога во 2010-та славеа јубилејна 100 годишнина од постоењето, нашиот именик „Офсајд“ (шведски фудбалски магазин) го прогласија за најдобар фудбалски клуб во историјата на Шведска.

Малме во 2005-та стигна до последното квалификациско коло во ЛШ, но беше поразен од Тун. Со следниот спонзор клубот стана најбогат шведски клуб, примат кој го држеше до 2013-та.
 
Од 2009-та се преселија од стадионот Малме на Свидбанк, кој собира 24.000 гледачи од кои 18.000 на седење. Тоа е практично новиот стадион на Малме, изграден за сума од 80 милиони евра.
 
ДРЖАТ ОДЛИЧНА ФОРМА

Паузата во националните првенствани не важи за цела Европа, па така на пример во Шведска се игра фудбал од 1 април и од тогаш се поминати 12 кола.
 
Малме е во топ форма и има само еден пораз, 8 победи и три нерешени средби. Ја држи лидерската позиција на табелата и ја дели со Норкопинг. Гол разлика 20:10. Домашното првенство им завршуна на 5 ноември.
 
Ако им ги листате играчите нема да наидете на некое звучно име. Имаат 7 странци (Норвешка 3, Данска 2, Перу 1 и Уругвај 1) и 9 репрезентативци од кои петмина играат за Шведска. Вредноста на играчите според Трансфермаркет изнесува 18,5 милиони евра.
 
Капитен им е 34 годишниот напаѓач Маркус Розенберг кој има играно за Ајакс, Вердер и ВБА и кој во моментов е прв стрелец со 4 гола, исто колку што има и Павел Цибицки.
19 јуни 2017 - 15:16