Руската фудбалска федерација официјално го потврди заминувањето на Фабио Капело и за негова замена се споменува тренерот на Цска Москва, Леонид Слутски.
„Руската фудбалска федерација и тренерот на рускиот национален тим Фабио Капело заеднички се договорија за раскинување на договорот” стои на официјалната страна на Руската Федерација.
Тој имаше договор до 2018 година во кој стоеше дека ако предвреме биде отпуштен ќе добие оштета од 25 милиони евра. Русите му понудија 15 милиони евра за раскин на договорот и тој веднаш го прифати.
Фабио Капело стана тренер на Русија на 26 Јули 2012 по оставката на Дик Адвокат. Селекторското деби го имаше против Брегот на Слоновата Коска. По пауза од 12 години, тој успеа да ја однесе Русија на Светско како првопласирана во квалификациската група Ф со учинок од 7 победи, 1 нерешена и само 2 порази.
Во јануари 2014, Капело беше цврсто убеден дека ќе ја врши оваа функција и на СП во 2018 година во Русија, но притисокот од јавноста беше преголем. Италијанецот победи на само два од последните 10 меча и неговата поддршка кај Русите беше само 19%.
Русите разочараа на минатиот Мундијал, откако испаднаа во групната фаза по поразот од Белгија и нерешените резултати против Јужна Кореја и Алжир. Бледата игра на Зборнаја продолжи и во квалификациите за ЕП во Франција. Русите во групата Г имаат учинок од 2 победи, 2 нерешени и 2 порази и се далеку од првите две места кои водат директно на Европското првенство.
Како селектор на Русија, Капело на вкупно 33 натпревари има 17 победи, 11 нерешени и 5 загубени средби. Капело во последните 12 месеци покрај стандардниот состав повика и 24 фудбалери кој пробуваше да ги ротира со цел да ја подобри формата на Русите.
Со Рома, Милан, Реал Мадрид и Јувентус освои вкупно 14 трофеи, од кои 9 му се со Милан, но со репрезентациите не му одеше ниту во Англија, ниту во Русија.