Што ако играм во шпанско, пак ќе одам на стадион со точак

Во ера на модерен фудбал кој стана бизнис изразен во милијарди, уште се наоѓа по некој фудбалер кој не е чаламџија. Додуше млад е, ама па и Донарума беше млад кога почна за Милан па за кратко време се размази.

Изминатиот викенд во Ла Лига беше затворено прашањето за титулата, но вниманието не беше свртено само кон Меси, Барселона и Камп Ноу.

На мечот Реал Сосиедад – Хетафе се истакна еден фудбалер по име Андер Баренечеа. Се работи за дете кое има 17 години и прв играч роден во 21 век кој настапил во Ла Лига.

Сосиедад славеше 2:1, Андер играше во напад од првата минута, а кога беше заменет во 90 минута, цел „Сан Себастијан“ стана да му аплаудира за машката игра.

После натпреварот прими честитки од новинарите кои го сместија во тимот на колото, но во целото ова величање има уште еден негов потег кој вреди да се истакне, а тоа е пред сè човечен потег.

Малиот после мечот си замина со точак кој си го изнајмил од дома до стадион и назад. Јасно е дека нема право уште на возачка дозвола, но ниту го чекаа надвор да го соберат, ниту сакал да го врати дома шофер кој го има на располагање од клубот.

Неговиот гест вреди да се истакне бидејќи фудбалерите ги направија богаташи од невидени размери, а почнуваат да изводат уште на почеток на кариера. Го споменавме Донарума бидејќи на 18 години му лупнаа плата од 6 милиони евра и плус „Ама и брат ми да го земете“.

Андер Баренечеа дебитираше во шпанскиот фудбалски шампионат во декември на 5 дена пред да наполни 17 години. Викендов одигра одличен натпревар за кој доби заслужени овации, а својата едноставност ја покажа со изнајмен точак со кој плус покажува дека има еколошка свест.

30 април 2019 - 14:10