Шпанија се израмни со Германија по бројот на титули на Европските првенства. Германија триумфираше во 1972, 1980 и 1996, а Шпанија во 1964, 2008 и 2012.
Селекторот Висенте дел Боске стана прв тренер со титули од Европско првенство (2012), Светско првенство (2010) и Лигата на шампиони (2000 и 2002 со Реал Мадрид).
Икер Касиљас стана првиот фудбалер на светот со троцифрен број на победи во дресот на националниот тим. Тој само го подобри рекордот кој го поседува уште од претходно, а зад него се Ахмед Хасан од Египет и Лилиан Туран од Франција со по 94 победи.
Касиљас го сруши рекордот на Дино Ѕоф по бројот на минути без примен гол на Европско првенство. Италијанскиот голман немаше примено гол 494 минути, а мрежата на Касиљас на ЕУРО 2012 мируваше 511 минути. Тој го израмни рекордот на Едвин ван дер Сар со девет натпревари без примен гол на Европските првенства.
Голот на Давид Силва во 14-та минута беше 22. гол со глава на ова Европско првенство. Никогаш во историјата на Европските првенства не биле постигнати волку голови со глава.
Фернандо Торес стана прв фудбалер кој постигнал гол на две финалиња на Европско првенство.
Хуан Мата постави рекорд со постигнувањето на гол по само една минута и 14 секунди откако влезе во игра.
Шпанија на ова Европско првенство постигна 12 голови и сите од нив беа постигнати од внатрешноста на шестнаесетникот.
Шампионот прими само еден гол и тоа од Италија на натпреварот од првото коло на групата Ц кој заврши со резултатот 1:1.