Шпанците демонстрираа сила, Македонија поразена во Валенсија

Македонската фудбалска репрезентација со пораз го отвори квалификацискиот циклус, откако вечерва загуби 5:1 на гостувањето во Шпанија.

Својата шанса за пласман на Европското првенство во Франција, нашите фудбалери ќе ја бараат во дуелите со другите противници од групата Ц, затоа што Шпанија веќе од првото коло стави до знаење дека е фаворит број еден.

Пред околу 25 илјади гледачи на стадионот на Леванте, во театарска атмосфера Шпанците нè испратија со пет гола во мрежата на Томе Пачовски. Селекторот Бошко Ѓуровски реши во подмладен состав да го започне дуелот против актуелниот европски првак од кој добивме големо искуство.

Првата сериозна шанса на мечот ја имаше нашата репрезентација, кога Касиљас го одбрани шутот на Ибраими од слободен удар. На „Фуријата“ ѝ требаше 16 минути за да го отвори резултатот, преку Серхио Рамос од пенал. Во моментите кога македонската одбрана сè уште се консолидираше, водството го зголеми Пабло Алкасер една минута подоцна.

Македонија го намали резултатот преку нашиот најдобар фудбалер, Агим Ибраими. Одличниот настап во првото полувреме, напаѓачот на словенечкиот Марибор го круниса со гол, кога во 28' минута погоди од белата точка. Во моментите кога се надевавме на поволен резултат пред паузата, во судиското продолжение, Серхио Бускетс со прв гол во репрезентативната кариера зголеми на 3:1.

Стартот на вториот дел го одбележа уште еден гол во нашата мрежа, откако Давид Силва по двојното проигрување со Жорди Алба се запиша во листата на стрелци за 4-1 и нова радост на стадионот „Сиудад Валенсија“.

Својот 15. гол за националниот тим на Шпанија го постигна Педро Родригез во 93' минута и така ги постави конечните 5:1.

Ова беше 49. натпревар на македонската фудбалска репрезентација во квалификации за ЕП. Во досегашниот скор имаме 10 победи, 14 нерешени средби и дури 25 порази. Гол разликата изнесува 54 постигнати и 76 примени голови.

На 9. октомври, против Луксембург на „Филип Втори Арената“, македонската фудбалска репрезентација ќе го продолжи квалификацискиот циклус.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП2016, ГРУПА Ц:

ШПАНИЈА - МАКЕДОНИЈА 5:1
/Серхио Рамос 16', Алкасер 17', Бускетс 45'+3, Силва 50', Педро 90'+1

ЛУКСЕМБУРГ - БЕЛОРУСИЈА 1:1
/Гершан 42 ' - Трахун/

УКРАИНА - СЛОВАЧКА 0:1
/Мак 17'/

ТАБЕЛА: 1. Шпанија 3; Словачка 3; Белорусија 1; Луксембург 1, Македонија 0;
 

Следно коло, 9. октомври: Белорусија - Украина, Словачка - Шпанија, Македонија - Луксембург.

8 септември 2014 - 22:40