Шок во Амстердам: Спортскиот директор Марк Овермарс избркан зошто им се пуштал на колешки

Во ситуација кога на повеќекратниот европски шампион му оди добро на терен и уште подобро во раководството, од Ајакс стигна вест како гром од ведро небо: успешниот спортски директор Марк Овермарс кој е најзаслужен за сите големи трансфер успеси на клубот добил шут карта.

Марк Овермарс, човекот кого со години го бараа за спортски директор во Арсенал, Барселона и Манчестер Јунајтед, а кој решаваше да остане свој на свое во Ајакс, добил отказ поради непристојно поведение на работа.

ШТО СЕ СЛУЧИЛО?

 

Ајакс отворено признава дека причината за заминувањето на Овермарс е преоѓање на границата на дозволено кај неколку жени колешки во клубот во тек на подолг временски период.

„Се срамам. Минатата недела го осудија моето однесување и сфатив како влијаело на другите. За жал не разбирав дека ја преоѓам границата но сега ми е јасно.

Барам прошка. Разбирам дека за човек со мојот статус такво однесување е непримерено. Но веќе е доцна. Си одам од Ајакс, не гледам друг излез. Оваа ситуација сериозно влијае на мојот личен живот затоа барам да го оставите моето семејство на мира“, го прокоментирал Овермарс неговото заминување од клубот.

ШТО ВИКА ТРОФЕЈНИОТ КЛУБ?

Генералниот директор на Ајакс, легендарниот Едвин ван дер Сар вели дека му е жал што така испаднало, но дека оставката на Марк Овермарс е единствен излез.

„Оваа ситуација е ужасна за сите. Во својата работа јас чувстувам одговорност за да им помагам на колегите. Безбедна работна клима е многу важна за сите во компанијата. Оваа вест ќе биде удар за сите на кои им е близок Ајакс“, вели Ван дер Сар за веста со неговиот децениски пријател, соиграч, колега, другар.

Претседателот на надзорниот одбор Лин Мејџарт рекол за Марк Овермарс дека е најдобар спортски директор во историјата на клубот но признал дека навистина отишол предалеку.

„Ова е драма за сите. За жените кои морале да се соочат со такво однесување. Кога слушнавме за тие гласини, реагиравме брзо но внимателно. Одлуката беше внимателно разгледувана и одмерена“, рекол Мејџард.

ЗА 10 ГОДИНИ ВО АЈАКС ЛЕГЕНДАРНИОТ ОВЕРМАРС ПОСТАВИЛ СИСТЕМ ЗАСНОВАН НА ПРЕПРОДАЖБА НА ИГРАЧИ И МУ ДОНЕЛ МИЛИОНИ НА КЛУБОТ И ГРАДОТ

Марк цели 10 години беше спортски директор на Ајакс. Тој во амстердамскиот клуб дојде во 2012-та. Минатиот октомври дури и потпишал нов договор со важност до 2026-та.

Овермарс тогаш пред една деценија се вратил во клубот каде играше, на барање на тогашниот шеф на Управниот одбор Јохан Кројд.

Легендарниот Холанѓанец не бил задоволен од резултатите на нивниот матичен клуб и ја критикувал работата на клубот, па подоцна и самиот бил поставен за претседател на Управниот одбор. На клучни места во клубот Кројф ги назначил легендите на Ајакс: Бергкамп, Давидс, Ван дер Сар и Де Бур.

Марк Овермарс бил поставен за технички директор и му ја доверила задачата за трансфери. Кројф бил незадоволен од политиката на Ајакс да купува просечни странски играчи и малиот број промовирани деца од младински категории во прв тим.

Како резулат на тоа Ајакс веќе од 2012 наваму направи неколку велелепни трансфер за многу пари (со исклучок на Весли Снајдер кој претходно замина во Реал во 2007-ма за 27 милиони евра).

„Памтам како зборувавме во кабинетот на Јохан. Многу беше нервозен што клупската академија престана да работи ефикасно и повеќе не произведуваше талентирани играчи“, рекол еднаш Марк Овермарс.

Во време на неговото спортско директорување, Ајакс направи сензационални трансфери: Френки де Јонг во Барселона за 86 милиони евра, Матејс де Лихт во Јувентус за 85,5 милиони евра, Дејвинсон Санчез во Тотенхем за 40 милиони евра, Хаким Зиеш во Челси за 40 милиони евра, Дони ван де Бек во Манчестер Јунајтед за 39 милиони евра. Се огромна до огромна зделка.

Од 2012-та Ајакс само во две сезони купил играчи поскапо отколку што продавал.

По влезот на „копјаниците“ во полуфинале на Лига на шампиони кога сензационално ги урнаа најголемите европски клубови, ван дер Сар и Овермарс го свртеле курсот па Ајакс веќе неколку сезони се обидува да купи искусни играчи и да ги задржи младите таленти што е можно подолго.

Благодарение на Овермарс и Ван дер Сар екипата е спој на младост и искуство: Тука се Тадиќ, Берхејс, Алер и Дејли Блинд, а од друга страна Онана, Ентони, Кудус, Гравенберх и Тимбер, бисери на холандскиот фудбал.

Сезонава Ајакс убедливо ја помина групната фаза во Лига на шампиони со 6 победи на 6 меча и гол разлика 20:5. Во домашната Ередивизија се лидери со 5 бода пред ПСВ Ајндхвоен и неверојатна гол разлика 64:5).

Но имало и грешки за кои најголема цена плаќа спортскиот директор Марк Овермарс кој морал да го напушти клубот. Со оглед на тоа што важи за исклучително вешт спортски директор, некогашниот холандски репрезентативец би можел да најде ново работно место, најверојатно во Премиер лига каде некои клубови покажале интерес за него.

7 февруари 2022 - 10:54