Често пати сме сведоци како навивачките групи доброволно се пријавуваат да создадат услови за игра на стадионите кога ќе заврне снег, но можеби прв пат ја гледаме оваа слика, гостите да бидат во својство на домаќини.
Додека српските навивачи кои во голем број најавија дека во знак на бојкот нема да присуствуваат на вечерашниот натпревар и да го бодрат националиот тим на Србија поради очајните резултати, популарната „Тартан Армија“ се фати за работа.
И покрај ниските температури, Шкотските навивачи допатуваа во Србија во своите традиционални Килтови и ја расчистија снежната покривка на стадионот во Нови Сад. Гест кој навистина заслужува почит.
Селекцијата на Шкотска по 5 кола има само два освоени бода во групата А и нема никакви шанси да се пласира на Светското првенство во 2014 година, но овие навивачи се пример како треба да се бодри својата земја, а според најавите вечерва на број ќе ги има околу 1200.