Шапекоенсе го одработи првиот тренинг по несреќата, ги чека нова сезона

Со 11 младинци прекомандувани во првиот состав и со дел од оние фудбалери кои ја избегнаа тешката авионска несреќа во Колумбија, Шапекоенсе наскоро ќе ја започне новата сезона во која никој нема големи очекувања и не им поставува притисок.

Во првите месеци од годината, бразилските фудбалски тимови најпрво играат во државните првенства коишто се забавни за гледање со оглед на тоа што во него меѓусебно играат екипи од сите дивизии од секоја држава.

Така се случува и тим од четвртата лига да победи некој гигант или да го освои државното првенство против сите очекувања. Шапекоенсе го освојувал своето Државно првенство дури пет пати во историјата и во моментов е актуелен освојувач. но овој турнир не е од голем приоритет.

Слично на Државните првенства, се игра и Примеира лига (не португалската, туку бразилска), која што е пријателска лига со некои од големите клубови од различни држави. Шапекоенсе ја игра и оваа лига, но ова првенство е од уште помал приоритет за клубовите.

Групната фаза од Копа Либертадорес почнува во март а бразилската најелитна прва лига Серија А стартува во мај и тие натпреварувања се највисоки приоритети за Шапекоенсе.

Првиот официјален тренинг на Шапекоенсе после несреќата:
 

На прозивката се појавил и дефанзивецот Нето којшто ја преживеа авионската несреќа.

Бразилскиот Куп почнува во февруари, но екипите кои играат во Копа Либертадорес имаат директен пласман во подоцнежната фаза од Купот на Бразил. И ова натпреварување е од голем приоритет за Verdão do Oeste затоа што победникот на Купот обезбедува директен пласман во Копа Либертадорес следната година. Со сето ова, Шапекоенсе ќе го игра својот прв официјален меч за неколку недели и никој од нив не очекува да игра на нивото од минатата година во овие натпреварувања на почетокот.

Шапекоенсе пред три дена ја имал првата прозивка, а вчера го одработиле првиот тренинг со новиот тренер кој гледа со што располага.

Во моментов Шапекоенсе е составен од фудбалерите кои ја избегнаа авионската несреќа и не патуваа кобниот ден во Колумбија, и во најголем дел од младинците кои дошле од младинската школа. Тоа е особено важно за Шапе затоа што минатата недела започнало најпрестижното У-20 првенство на Бразил.

Во првиот тим на „Зелените“ се прекомандувани дури 11 младинци коишто ќе се обидат да обезбедат место во тимот.