Шалке го трола Дортмунд со билборди на камион

Челниците на Шалке беа пресреќни по обновувањето на договорот со нивниот фудбалер Јулијан Дракслер па се пофалија со билборди на камиони кои кружеа околу стадионот на најголемиот ривал.

Ривалитетот помеѓу Шалке и Борусија Дортмунд прерасна во најголемо ривалство во Германија, па тие ја користат секоја прилика за да се зезаат со противникот.

Со објавувањето на трансферот на Геце од Дортмунд во Баерн Минхен, започнаа шпекулациите дека 19-годишната ѕвезда на Шалке, Јулијан Дракслер ќе биде неговата замена во редовите на „милионерите" од Дортмунд.

Медиумите шпекулираа дека Борусија Дортмунд е подготвена да плати 30 милиони евра за новата надеж на германскиот фудбал, но овој трансфер пропадна во вода. Шалке и Дракслер го продолжија договорот до 2018-та година, а новата откупна клаузула сега изнесува 40 милиони долари.

Челниците на Шалке не можеа да се воздржат и се пофалија на многу иновативен начин. Тие изнајмија неколку камиончиња на кои беа поставени билборди со информацијата дека Дракслер го продолжил договорот, по што тие беа испратени во Дортмунд и направија неколку кругчиња околу стадионот на ривалот.

10 мај 2013 - 15:20