Гелзенкирхен и Дортмунд се индустриски најразвиените градови во рурската област и се одалечени помеѓу себе на околу 30 километри.
Областа Рур во моментов е најнаселен регион во Германија, но до крајот на 19-от век ова бил пуст регион во кој живееле рудари, а Гелзенкирхен било село со 400 жители. Но тогаш биле откриени огромните залихи на јаглен и челик и во оваа област почнале да се доселуваат работници од цела Германија и голем број имигранти. На почетокот на 20-от век во овој регион се доселиле 300.000 рудаи и Рур имал 3 милиони жители.
Во една рударска населба во далечната 1904-та година, работниците го основале фудбалскиот клуб Вестфалија Шалке. Клубот бил раководен од самите работници кои одбивале да го приклучат кон официјално натпреварување се до 1912-та година.
Токму како негодување за таквата политика на Шалке, во 1909-та година, неколку млади додека го пиеле пивото Борусија (Прусија на латински) во локална пивница се договориле да го оформат клубот Борусија Дортмунд.
„Рударите" и „пиварите" не го забораваат своето минато, па фудбалерите на Шалке секоја сезона се спуштаат во некој од локалните рудници, а фудбалерите на Борусија Дортмунд секој успех го прославуваат со пиење и полевање на пиво. Тоа пиво денес е Brinkhoff's кое заради ривалството, во никој случај нема да го најдете во паб во Гелзенкирхен. Таму се пие само Veltins.
На почетокот дербито познато како Revierdebry (Revier на германски значи територија) не било толку жестоко. До војната доминирал Шалке, а потоа следи период на доминација на комшиите од Дортмунд.
Ривалството се зголемило со развивањето на двата града и прераснувањето на двата клуба во водечки колективи во областа и едни од најдобрите клубови во Германија.
За тоа колку се мразат овие два клубови говори и изјавата на Кевин Гројскројц, фудбалерот на Борусија кој е роден во Дортмунд и пред да игра за првиот тим, имал сезонска карта за јужната трибина каде одат најверните навивачи на клубот.
„Сакам да ги срамниме со земја, затоа што тоа го очекуваат нашите навивачи. Победа над Шалке ни е многу поважна од победа на Баерн. Толку ги мразам што ако мое дете стане навивач на Шалке, јас ќе го пратам во дом", изјави Гројскројц пред две сезони.
„Жештината" на дербито ја имаат осетено и „Комити" кои се збратимени со навивачите на Шалке - „Ултрас Гелзенкирхен" и се редовни гости на нивните натпревари. Веднаш по пристинувањето на последното дерби тие имаа жежок пречек од домашните навивачи на аеродромот во Дортмунд.
Сепак како и на претходното дерби во Дортмунд и на дуелот во саботата, Комити им донесоа среќа на фудбалерите на Шалке кои го добија натпреварот со 2:1.
Ова беше 142-ро Revierderby. Во меѓусебните дуели Шалке води со 57 победи, Борусија Дортмунд триумфирала 48 пати, а 37 натпревари завршиле без победник.