Фудбалерите на Шахтјор Доњецк се во хотел во Киев и од своето привремено седиште ги следат извештаите за прекинот на огнот, кој е дел од мировниот договор меѓу Русија и Украина со посредство на германската канцеларка Ангела Меркел.
Истовремено тие се во исчекување и на утрешното осминафинално соочување против Баерн Минхен, кое се приморани да го имаат во Лавов, град кој е скоро 1.300 км оддалечен од Доњецк.
Долгата зимска пауза во украинското првенство трае од 7 декември и ќе заврши на 27-ти овој месец. За тоа време составот на Мирчеа Луческу кој од 2004-та е на кормилото на тимот, покрај времето за одмор беше на турнеи во Шпанија, Бразил и Хрватска.
Неговиот тим последен пат одигра меч во Доњецк во мај минатата година кога ја прославија деветта титула во домашното првенство, петта во низа. Но потоа летото во Украина стана многу пожешко од очекувањата, а судирите со проруските сепаратисти внесе страв кај неколкумина фудбалери кои не сакаа да се вратат за финалето од украинскиот Супер куп.
Донбас Арената беше два пати оштетена од експлозии и од тие причини привремената база на украинскиот првак е Киев, а сите натпревари ги игра во Лавов каде капацитетот на стадионот е за 35.000 гледачи, за 20.000 помал од оној во Доњецк. На истиот стадион се одигра и квалификацискиот меч меѓу Украина и Македонија кој го загубивме со 1:0 на 12 октомври.
Шахтјор Доњецк е единствен претставник од Источна Европа која се пласираше во осминафиналето од Лигата на шампиони, а дел од Лигата на Европа се Динамо Киев и Зенит Санкт Петербург, кои поради забраната од УЕФА не смејат да се сретнат.
Снимка од безбедносните камери пред Донбас Арената, каде по фрлена граната за малку ќе настрадаше мало дете од рушење на дел од кровот.