Стариот лисец повторно е најдобар меѓу најдобрите. Во силна конкуренција составена од искусни стратези, но и млади и перспективни тренери кои се повеќе оставаат белег и остваруваат резултати, 71 годишниот Шкотланѓанец ги порази сите.
Институтот за историја и статистика кој во светски рамки ги одредува најдобрите во фудбалот го прогласи Фергусон за најдобар тренер на 21 век. Веднаш зад него се наоѓа контроверзниот Жозе Мурињо кој со своите 49 години е најмладиот тренер во листата на најдобри тренери.
Третата позиција му припадна на Арсен Венгер кој не се дели од Арсенал од 1996 година, а е познат по неговата способност за пронаоѓање на млади таленти. По него следи искусниот Фабио Капело кој по големите успеси со италијанските фудбалски гиганти влезе во репрезентативните води, најпрвин како селектор на Англија, а во моментов ја води Русија.
Големата петорка ја заокружува Висенте дел Боске кој стана Светски (2010), а потоа и Европски шампион (2012) со селекцијата на Шпанија. На шестата позиција е Јужноамериканецот Марсело Алберто Биелса, седми е Холанѓанецот Гус Хидинк, потоа стратегот на ПСЖ Карло Анчелоти, а во топ 10 листата се уште и Луиз Фелипе Сколари и Рафаел Бенитез.
Во најдобрата десетка е изоставен Марчело Липи кој во 2006 година го освои Мундијалот во Германија со селекцијата на Италија. Од останатите славни имиња, Роберто Манчини е на 17 позиција, а Џовани Трапатони на 21.