Сеп Блатер мора да замине за доброто на ФИФА

Поранешниот член на извршниот комитет на ФИФА и десна рака на Блатер, Мајкл Хершман вели дека оставката на првиот човек на оваа организација ќе значи и нов почеток за светската фудбалска унија.

Сеп Блатер (78) е претседател на ФИФА од 1998-та година, но и покрај најавата дека ова ќе му биде негов последен мандат, постои голема веројатност Швајцарецот повторно да се кандидира за шеф на ФИФА.

Неговите мандати беа одбележани со неколку скандали, а како кулминација на сè беше изборот на Катар за домаќин на СП 2022-та година, кога се обелоденија неколку корупциски скандали околу гласовите.

„Потребна е промена на раководството. Големиот број скандали со текот на годините го наруши кредибилитетот на организацијата и затоа е најдобро да дојде до промена на лидерската позиција“, изјавил Хершман на Спортската безбедносна конференција во Катар.

Долгогодишниот соработник на Блатер, им замери и на спонзорите на светската фудбалска куќа, затоа што се многу меки во критиките за проблемот со корупцијата во ФИФА. Хершман е воедно и еден од основачите на агенцијата „Trasparency International“.

„Многу сум разочаран од толеранцијата на надворешните соработници, пред сè од спонзорите кои само од време на време ќе изјават дека очекуваат ФИФА да води сметка за нејзиниот интегритет“, вели Хершман.

Во меѓувреме, Сеп Блатер ги одби барањата на американскиот адвокат Мајкл Гарсија, јавно да се соопшти истрагата за нерегуларностите во изборот на домаќините на Светските првенства во 2018-та и 2022-ра година.

„Би сакал ФИФА да ги обелодени наодите од истрагата, со тоа што ќе ги почитува правата на приватноста кај членовите на Извршниот Комитет. Изненаден сум што голем број одбори се согласија со барањето за јавен настап, а само претседателот се противи на тоа. Очигледно има некои притисоци од страна“, Хершман застана зад познатиот адвокат Гарсија.

Лична карта: Сеп Блатер
Роден: 10 март, 1936-та година, во Швајцарија;
Образование: Диплома од бизнис администрација и економија на Универзитетот во Лозана;
Професија: Технички директор во ФИФА од 1975-та до 1981-ва, генерален секретар на ФИФА од 1981-ва до 1998-ма, избран за осми претседател на ФИФА  на 8-ми јуни 1998-ма година.

8 октомври 2014 - 10:27