По пишувањето на Скај Спортс и Газета дело спорт, „аѕурите“ меѓу себе ќе поделат по 250.000 евра парична награда за освоеното европско злато што е ретка и неверојатна премија.
Италијанците дома го донесоа пехарот кој им фалеше од 1968-ма година. Аѕурите на терен во финалето не размислуваа на тоа, но имаа 50.000 причини да ја победат Англија на сред Вембли. Оваа сума во евра, надодадена или одземена од првичните 200.000 евра е разликата за секој играч посебно, ако завршеа први или втори. Така решил да премира фудбалскиот сојуз на Италија.
Во договор пред Европското, претседателот на FIGC, Габриеле Гравина и капитенот Џорџо Кјелини се договориле за премиите. 80.000 евра за пласман во четвртфинале, 150.000 за пласман во полуфинале и 200.000 евра за второ место.
За освоено злато било договорено секој играч и член на стручниот штаб да добие по 250.000 евра! Англичаните од друга страна толку многу го сонуваа пехарот што тамошната фудбалска асоцијација им ветила по страшни, астрономски 540.000 евра ако го освојат Евро2020.
Италијанскиот фудбалски сојуз (FIGC) на своја сметка од УЕФА ќе добие околу 28,25 милиони евра како премија а на половина од овој буџет ќе му се насладат фудбалерите и целиот стручен штаб. Остатокот ќе остане на сметка на федерацијата која слична заработка немала уште од 2016-та година кога Италија стана светски првак.
Апсолутно заслужено за момците кои цело лето одиграа прекрасен фудбал, ги направија горди своите сонародници и го освоија златото среде Англија на стадион полн со ривалски навивачи.
Италијанската фудбалска репрезентација нема пораз цели 34 меча по ред, а на добар пат е и да обезбеди пласман на Светско првенство 2022 во Катар, каде ќе се обиде да ги обедини двете највредни круни во фудбалот.
Под водство на селекторот Роберто Манчини и неговите соработници, аѕурите играат фантастичен фудбал и заслужено се качија на врвот на Европа.