Репрезентацијата на Јордан и не е толку тапа селекција затоа што е за 16 места подобра од нас на ранг листата на ФИФА, а ние не сме биле ниту близу до еден бараж натпревар за едно светско првенство.
На средбата против селекцијата на Уругвај која има напад составен од дуото Кавани-Суарез беше јасно дека немаат никакви шанси за сензација, а тоа се покажа уште на првиот меч во Азија на кој примија пет парчиња.
Во знак на револт седум членови на репрезентацијата на Јордан побарале да не патуваат на реванш средбата во Уругвај која се игра следната недела, а групата на незадоволни играчи ја предводел голманот Амер Шафи кој поради суспензија не настапил на првиот меч.
На него му се придружиле Амер Деб, Хасан Абдел Фатах, Анас Бани Јасен, Ибрахим Ал Завахра, Одаи Ал Саифи и Саед Мурјан. Селекторот го прифатил нивното барање, а луѓето од федерацијата се обиделе да ги предомислат.
Останатите фудбалери кои ќе патуваат на веќе загубениот бараж двобој против Уругвај тешко дека ќе имаат поддршка од своите навивачи кои при резултат од 4:0 на првиот дуел, силно се израдуваат на петтиот гол на Уругвајците кој го постигна од слободен удар Единсон Кавани.
Секако дека најјакото сценарио поради кое цел живот би се каеле репрезентативците кои предвреме го кренеа знаменцето е победа на Јордан од 6:0.