Најдобрите фудбалери во составот на Ван Гал се Анхел Ди Марија, Вејн Руни, Радамел Фалкао, Робин Ван Перси и Хуан Мата и од таа причина, Холанѓанецот сака топката што побрзо да стигнува до нив.
Според Ван Гал, нема потреба одбранбените фудбалери да додаваат до играчите од средниот ред, за тие да ги поврзат со нападот. Едноставно долга топка до брзите фудбалери е најомилената акција на Манчестер Јунајтед сезонава. Натпреварот против Тотенхем покажа дека играчите од нападот на Јунајтед често влегуваат во опасната зона откако ќе примат долга топка од одбраната. Најинтересно е што бековите немаат задолжение да го бараат посебно Фалкао или Ван Перси, туку најважно е еден од нив да ја спушти топката со глава до Мата или Руни.
Од друга страна, стоперите Педи Мекнеир, Фил Џонс и Џони Еванс се многу позадоволни кога даваат долги топки, а не мора да комплицираат со средината на теренот.
Според Дејли Спорт, иако луѓето често зборуваат за долги и кратки додавања, поважно од тоа е прецизноста. Астон Вила и Евертон најмногу ја „гушат" топката, така што Кристијан Бентеке иако е еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лигата, често преморен го завршува натпреварот, затоа што 90 минути кружи за да добие топка. Во слична ситуација се наоѓа и Ромелу Лукаку, кој минатиот викенд против Стоук имаше само четири приеми во противничкиот шеснаесетник. Барнли го изненади Манчестер Сити минатиот викенд 2:2, а двата гола на гостите преку Ешли Барнс и Дени Ингс беа после долги додавања.
„Дури и под Арсен Венгер често морав да трчам по долгите додавања на бековите. Така го дадов и голот против Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд во 1998-ма. Ако ја градиш играта бавно, противникот има можност да се брани со 11 играчи пред тебе. Ги гледав младинците на Реал Мадрид и тие имаат ист пристап како Ван Гал. Нивните центархалфови често делат долги топки кон напаѓачите. Мора да се научиме така да играме, без разлика што Барселона освои сè со играта од нога до нога. Новите генерации треба да знаат да играат и на долги топки", изјави поранешниот фудбалер на Арсенал, Марк Овермарс.
Најмногу долги додавања во сезоната 2014/2015:
1) Барнли (1.485)
2) Манчестер Јунајтед (1.437)
3) Квинс Парк Ренџерс (1.401)
4) Вест Бромвич Албион (1.349)
5) Лестер Сити (1.348)