Офанзивниот пристап против Црна Гора со новиот селектор Игор Ангеловски ветуваше уште еден триумф на вториот пријателски дуел во последните пет дена. Ние сме 139-та земја во светот, место кое многумина изјавија дека не го заслужуваме, а Либан го пречекавме како 140-та фудбалска земја во светот.
Нашите репрезентативци веднаш нападнаа на стартот од мечот и беа опасни веќе по 5 минути игра преку Ванче Шиков кој по изведениот корнер биеше покрај голот. Истиот играч се закани од идентична позиција, но биеше многу понепрецизно.
Македонија се обиде со бавна и трпелива игра да го загрози голот на гостите, но недостасуваше поагресивна и поконкретна игра во нападот.
Либан се реши за дефанзивна тактика, а Македонија никако не успеваше да пробие. Освен двата обида од прекин немаше ниту една друга шанса за гол. За одбележување е полуконтрата на Велковски кој одлично го пронајде Трајковски во шеснаесетникот кој се сплетка пред голот.
Во вториот дел следуваше шок за нашата репрезентација која делуваше конфузно во одбраната и по еден кикс на Столе Димитриевски, Либан поведе со 1:0 преку Оумона во 47 минута.
Тоа само ги искомпликува работите за нашите фудбалери кои потоа мораа да тргнат порешително во напад. Но играта беше под нивото, недостасуваше креација и прецизни додавања. Македонија беше во очај и се закануваше јалово со непрецизни центар шутеви и од прекини.
Во последните 6 минути судиско продолжение, Либанците пропуштија чиста шанса за да нè бетонираат, а потоа на спротивната страна Чамси Фајез и Шиков во истата акција имаа шанса за 1:1.
Со овој пораз Македонија целосно го расипа впечатокот од прикажаното против Црна Гора, а доколку денеска триумфираше, со две победи во низа ќе скокнеше 14 места на ранг листата на ФИФА.