Самсоненко стана спонзор на гигантот ЦСКА Москва

Компанијата Betcity со седиште во Ростов на Дон, во сопственост на газдата на ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар, Сергеј Самсоненко потпиша спонзорски договор со армејскиот клуб од Москва.

Петгодишниот договор со легендарниот клуб го потпишале првиот човек на гигантот ЦСКА, Евгениј Гинер и Сергеј Самсоненко.

„ЦСКА Москва е еден од најтрофејните клубови во Русија со повеќе од еден век историја. Секако, спонзорството од ваков ранг за нас не е само тактички маркетинг, туку и сериозна инвестиција. Овој договор е стратегиски успех за двете страни, бидејќи Бет Сити ги дели истите цели со ЦСКА околу развојот на спортот во Русија. Водечките европски обложувалници на ист начин ги поддржуваат најголемите европски клубови. Многу сум задоволен што имаме шанса да соработуваме со клуб од ваков ранг“, вели првиот човек на Вардар Самсоненко и додава:

„Ние не целиме само да станеме лидери во нашето поле, туку исто така си поставивме за цел да го популаризираме спортот во нашата земја, да ја зголемиме општествената одговорност на нашиот бизнис и да го зголемиме развојот на младинскиот спорт. Се надеваме дека ова партнерство ќе допринесе да се зголемат успесите на клубот и земјата. Се надеваме на долга и успешна соработка со клубот, базирана на доверба и меѓусебна поддршка.“, додаде Самсоненко.

ЦСКА Москва е 7-кратен шампион на СССР, 6-кратен првак на Русија, 6-кратен победник на Купот на Русија, 6-кратен освојувач на Супер Купот на Русија и шампион на Купот на УЕФА во 2005. Сезонава завршија 2-ри во руското првенство, па ќе играат во квалификациите за Лигата на шампионите.

Сергеј Самсоненко стана сопственик на ФК Вардар пред три години а на промоцијата вети дека Вардар ќе биде редовен учесник во европските купови. Првите три обиди да се влезе во групна фаза на ЛШ или ЛЕ беа неуспешни затоа што Вардар испаѓаше во првото квалификациско коло.

Непознаница е дали Самсоненко ќе ги намали амбициите со Вардар или ваквиот потег дополнително ќе го измотивира да тргне со фудбалскиот клуб по патот кој го изодеа ракометарите.

Официјализирањето на договорот го потврди и некогашниот прв човек на сојузот на букмејкери во Русија а денес партнер на Самсоненко, Николај Оганезов. 

„Потпишувањето на долгорочен договор меѓу лидерот на рускиот фудбал и една од најголемите букмејкерски компании во земјата во предвечерјето на Купот на Конфедерациите и Светското првенство 2018 го утврди развојот на соработката меѓу букмејкерскиот бизнис и спортот. Важно е да се напомене дека букмејкерската компанија Betcity постави приоритет за поддршка на рускиот спорт и согласно законот за спорт 5% од приходите на компанијата ќе одат на финансирање на професионалниот и развој на младинскиот спорт во земјата. Искрено се надевам дека поддршката на руските букмејкерски компании за домашните фудбалски клубови и спортот во целост ќе им овозможат на нашите фудбалери успешно да настапат на СП 2018““, напиша на својот Фејсбук профил Оганезов, поранешен прв човек на сојузот на букмејкери.

 

14 јуни 2017 - 16:42