Олимпискиот комитет на Русија и Турската боречка федерација се првите две институции кои го кренаа гласот против укинувањето на борењето како дисциплина на Олимписките игри.
Борењето е еден од најпознатите спортови во Русија која заедно со поранешна СССР има освоено фасцинантна бројка од 77 златни медали.
„Ќе направиме се што е во наша моќ да го убедиме МОК да не го исклучува борењето од Олимписките игри и ќе му пишеме директно на Жак Рог кој е прв човек на оваа институција", изјави претседателот на Рускиот Олимписки комитет, Александар Жуков.
Во оваа борба ќе се приклучи и претседателот на Турската боречка федерација Хамз Јерликај кој во својата кариера два пати станал олимписки шампион, три пати светски и осум пати европски.
Турција во својата олимписка историја во која има освоено вкупно 87 медали, дури 58 им се од борењето, а од нив 28 се златни медали. Јерликај ја потсети јавноста дека Истанбул заедно со Мадрид и Токио е еден од кандидатите за домаќин на Олимписките игри во 2020 година и без овој спорт тој смета дека игрите ќе бидат сиромашни.
Инаку одлуката за укинувањето на борењето како дисциплина од Олимписките игри ја донесе Меѓународниот олимписки комитет на вчерашната седница во Лозана со тенденција да биде избришана од 2020 година.