Екипата на Торино оваа сезона е едно од најголемите изненадувања во италијанскиот шампионат и е на само два бода до шестата позиција која води во Лига Европа. Овој тим нема излезено 20 години на меѓународна сцена, а доколку се случи тоа, најголемите заслуги ќе одат кај нивниот главен напаѓач.
Чиро Имобиле не е познато име на европската фудбалска мапа, но со формата која ја демонстрира ги става во сенка и врвните ѕвезди. Тој оваа година има постигнато 12 голови, исто колку Стариџ, еден повеќе од Суарез и два повеќе од Ибрахимовиќ и Роналдо. Само Меси со 18 погодоци е подобар од него во 2014 година.
24 годишниот напаѓач на Торино на 30 меча во цела сезона има постигнато 20 голови и му се потребни само уште два за да го надмине најдобриот стрелец во историјата на клубот, Паоло Пулчи кој има постигнато рекордни 21 погодок во една сезона.
Имобиле сезонава е на пат да стане и најдобар стрелец во Серија А и тоа во конкуренција на Тевез и Тони кои имаат два гола помалку од него и Игуаин кој заостанува со три помалку. Неговата форма која го става во друштво на славните, сигурно го радува и селекторот на Италија, Чезаре Прандели.