На последниот натпревар против Гранада, Кристијано Роналдо два пати се запиша во листата на стрелци со што тој дојде до бројката од 150 голови во дресот на Реал Мадрид.
Но тој не ги прослави и двата постигнати гола, а по натпреварот изјави дека е тажен заради професионални причини, а луѓето од клубот знаат за што се работи.
А за што всушност се работи?
Медиумите веднаш почнаа да шпекулираат, а помеѓу многуте шпекулации се издвоија две. Првата верзија за причината за неговата тага е начинот на кој тој е третиран во клубот, а втората се парите.
Секако, втората верзија е многу поверојатна. Роналдо мисли дека не е платен доволно и едноставно си бара поголема плата од оние 12 милиони евра годишно.
Кристијано Роналдо одигра одлична сезона и важи за еден од најдобрите фудбалери на планетата, но тој сепак не е ниту помеѓу петте најдобро платени. Поголема плата од него земаат Дрогба, Ето, Ибрахимовиќ, Руни, Јаја Туре, Агуеро и Меси.
Според шпанска „Марка", Кристијано Роналдо секогаш сака да е прв, а во овој случај тој смета дека неговото име треба да биде помеѓу „топ 3".