Роналдо е дрво за слободни удари

Кристијано Роналдо од Реал Мадрид е прогласен за најлош изведувач на слободни удари во Европа. Тој не погодил во ниту еден од 37 обиди оваа сезона.

Статистичарите од престижниот шпански дневен весник „Ел Паис" ги пребројале обидите од слободни удари на сите фудбалери од поголемите европски лиги и заклучиле дека најлош во оваа категорија е Кристијано Роналдо.

Тој извел дури 37 удари и ниту еднаш не ја погодил противничката мрежа.

Ниту неговиот ривал Лео Меси не заостанува многу. Тој постигнал само еден гол од 23 удари. Но во екипата на Барселона има и други изведувачи како Чави (два гола од 10 обиди), Дани Алвеш, Фабрегас и Иниеста, а во тимот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо е себичен и не дозволува неговите соиграчи да се доближат до топката при изведување на слободни удари.

Според статистиката, најдобар изведувач на слободни удари во Европа е Санти Казорла од Малага кој постигнал четири голови од 21 обид.

Втор на листата е Себастијан Ларсон од Сандерленд со три гола од 10 обиди, а по два гола имаат постигнато Чави, Руни, Педерсен, Бенат, Лоди и Миколи.

21 март 2012 - 17:24