Рома кризира, еден месец не знае за победа

По вчерашната елиминација од Купот на Италија од Фиорентина (0:2), навивачите ги повикаа играчите на Рома и побараа од нив да не паѓаат во форма кога најмалку треба. Рома има проблем со повредени и отсутни играчи.

Две победи во два месеци, елиминација од Лигата на шампионите, од Купот на Италија, и за многумина завршена битка за скудетото. Во претходното коло од Серија А, Удинезе го задржа Јувентус (0:0), но Рома не ја искористи ни таа прилика да му се приближи на торинскиот клуб.

Лош декември за Рома, исто и јануари, а ниту февруари не тргна на најдобар можен начин. Со два погодоци, синоќа Марио Гомез ѝ донесе на Фиорентина пласман во полуфиналето од Купот на Италија, каде ќе игра против Јуве.

„Римската волчица" се засили во јануарскиот преоден рок со напаѓачите Виктор Ибарбо од Каљари и Сејду Думбија од ЦСКА Москва, но вториот сè уште не е во Рим, затоа што игра Африкански Куп на нации со Брегот на Слоновата коска. На АКН играат уште и Жервињо, сезонава најдобриот играч на Рома.

Наполи е сè поблизу до Рома на табелата и сега заостанува само четири бода, така што ниту второто место не е сигурно за тимот на Руди Гарсија.

„Одигравме добро прво полувреме, но не беше доволно. Моите играчи дадоа сè, игравме со тоа што го имаме на располагање. Морав да го внесам Ибарбо, кој иако не играл месец и половина, против Фиорентина одигра солидно. Би сакал да им се заблагодарам на навивачите што ја бодреа екипата од почетокот до крајот", изјави Французинот на клупата на Рома.

Пред елиминацијата од Купот на Италија, проблемот на Рома беше во нерешените резултати: пет на последните шест средби во првенството, против Милан, Лацио, Палермо, Фиорентина и Емполи. Меѓу тие натпревари беше и тешката победа против Емполи во осминафиналето од купот, со гол од пенал во судиското продолжение.

Без Жервињо, Итурбе повреден и Дестро продаден во Милан, нападот на Рома не функционира како што треба. Ништо подобро не е ниту на средината на теренот: Стротман ќе отсуствува до крајот на сезоната, Де Роси нема да игра еден месец поради повреда, а на гостувањето во Каљари, Рома ќе игра без казнетите Манолас и Флоренци.

Инсерти од мечот против Фиорентина

Скандирање на навивачите на Рома: Играјте машки