Рома изгуби меч службено поради детска грешка, веќе отпуштен генералниот секретар

Според прописите на фудбалската федерација на Италија, сите играчи постари од 22 години мораат да бидат регистрирани на список од 25 играчи кој на стартот на сезоната се праќа во Федерацијата.

Рома ја започна сезоната во Серија со реми 0-0 против Верона на гости, но во вторникот Фудбалската федерација на Италија (FIGC) службено го регистрираше мечот со технички пораз на Рома поради тоа што фудбалерот Амаду Диавара од Гвинеја не бил регистриран на списокот.

Според правилата екипата не е должна да стави на списокот играч помлад од 22 години, но Амаду Диавара во јули наполнил 23 години.

Лига Серија А добила список на регистрирани играчи од Рома на 14 септември во 12:14 часот по Средноевропско време. Диавара го немало на список, но на мечот против Верона тој одигра 89 минути.

Нерегистриран возрасен играч на списокот од 25 фудбалери е нарушување на осмата точка од статутот N83/A на италијанската фудбалска федерација од 20 ноември 2014 година (изменет на 21 јуни 2018-та година).

„Затоа управата на лигата реши мечот да заврши со технички службен пораз на Рома од 3:0“, пишува во официјалната изјава.

Диавара во Рома дојде од Наполи минатата година. Во јули 2019-та година наполнил 23 години и затоа во минатата сезона можел да игра за младинскиот состав. Сезонава Рома заборавила да го стави на списокот од 25 првотимци.

Виновник за ова бил генералниот секретар Панталео Лонго кој добил отказ.

Рома сега сака да ја обжали казната и клубот за таа цел тврди дека не сакале да направат никаква измама затоа што на списокот имале уште 4 слободни места за регистрација.

23 септември 2020 - 10:15