Ритуалите на Роналдо за топ форма со 6 оброка и 5 дремки на ден

Не се гледа секој ден играч од карантин одма на прв натпревар да се врати со два гола, напротив нормално е малку да закржлави бидејќи седел дома и не тренирал со екипата. Ама работата е што него и седењето дома му се состои од строги правила.

За три месеци Кристијано Роналдо ќе наполни 36 години, а тоа е возраст на која многу напаѓачи веќе се резервисти со издишана кондиција и спремни да влезат во игра само во второ, а други се само гледачи, тренери, помошници...

Но тој е изрод во таа конкуренција и ако вака продолжи сигурно ќе игра и ќе биде добро спремен и на 40. За португалскиот ас, познато е дека е ептен к`не за работа. Секогаш тренира екстра од другите и најмува врвни тренери со специјални програми за да биде во врвна форма.

Тоа коцките на стомакот не му се од јагнешко или леб и мармалад, туку комбинација тренинг – здрава исхрана. Целосно погрешна перцепција имате за исхраната, ако мислите дека треба да јадете еднаш до два пати на ден, бидејќи така се правите тупан од прегладнетост и после ја барате фотељата.

За да не изигруваме нутриционисти, ќе пренесеме што вели Ник Литхалс, експерт кој долго работел со Роналдо и кој открива кои се неговите тајни за спортскиот живот кој го води.

Еден од најславните спортисти на планетава има шест оброка и пет дремки на ден. Значи има појадок, ручек и вечерва ама по два пати.

За да го почне денот како што треба, Роналдо јаде пршута и формаџо (разни видови сирења и кашкавали) и со тоа пие јогурт. Потоа како втор појадок или закуска од сабајле, јаде тост со авокадо.

За ручек на маса има пилешко и салата, а обично вториот му е риба (често туна), јајца и маслинки.

Навечер повторно риба, пример сабјарка и други видови морски риби или месо. Важно е да има повеќе оброци (Нема наведено на колкаво временско растојание), но помалку масти, а повеќе протеини.

Помеѓу оброците и тренинзите, потребен е добар одмор. Сонот е една од најдобрите лекови за телото, а тоа го знае Роналдо кој во текот на денот спие по пет пати или вкупно 90 минути, исто колку еден натпревар.

Иако ова можеби ви изгледа дисциплински ред за “луди“, сепак е за Кристијано Роналдо.

6 ноември 2020 - 13:45