Пред 16 години Парма беше дел од насловните страници на сите спортски медиуми. Тогаш се пишуваше за победата во Купот на УЕФА, а сега за нивната нова тажна страница која почнува од четвртата лига Серија Д под името Парма 1913.
За угледот на новоформираниот клуб ќе се бори Невио Скала кој ќе ја врши претседателската функција. Тој е поранешен тренер на Борусија Дортмунд, Бешикташ, Шахтјор и ЦСКА Москва, а пред овие екипи ја водеше Парма од 1989 до 1996-та и во тој период ги освои Купот на Италија, Купот на УЕФА, Супер Купот на УЕФА и Купот на куповите на победниците.
За тренерското столче се фати Луиџи Аполони кој претходно водеше екипи во втората италијанска екипа, а од ланскиот прволигаш остана само Алесандро Лукарели кој со своите 38 години ќе им дели памет на новодојдените.
Новата историја на Парма 1913 покрај него ќе ја испишуваат и анонимните Лаурија, Меландри, Качоли, Адорни, Ричи, Музети, Вињали, Сапонети и Серени, а првата задача на управата ќе биде да најде уште 15 фудбалери.
„Имаме само 10 играчи, а треба да стигнеме до бројка од 25. Некои финеси треба да ги решиме за кусо време, како на пример сакаме да ангажираме млад голман некаде околу 97-мо годиште, потоа ни треба и лидер во среден ред. Тоа нема да биде Маркиони, тој е на излезна врата од Сампдорија, но мислам дека ќе сака и натаму да остане во Серија А. Многумина се нудат да бидат дел од овој проект, но нас ни требаат таленти со карактер. Не е лесно да се игра на Тардини, имаме голема одговорност и навивачи кои ќе не поткренат“ вели техничкиот директор Лоренцо Миноти.
Парма тргна под мотото „Нов почеток по еден долг пат“ и на својот веб сајт нуди различни варијанти за годишните карти. Во првите 77 часа продадоа 4.000. Цените за главната трибина се 265, 615 и 925 евра, а на трибината Курва Норд се 25, 99 и 199 евра.
За тие што ќе купат од најскапите годишни влезници, со истите ќе можат да влезат на мечевите од Купот на Италија и пријателските, потоа ќе имаат 20% попуст во официјалната продавница на клубот, гратис паркинг пред стадионот секој работен ден, гратис изнајмување точаци, бесплатен интернет и маица „Ние сме Парма“. Аирлија работа.