Горан Пандев со уште една негова магија му ја донесе победата на Наполи над Удинезе. Тој одигра 55 минути и го постигна вториот гол за неговиот тим пред крајот на првото полувреме.
Уште еден наш репрезентативец го постигна победничкиот гол за неговиот тим. Николче Новески го одигра целиот натпревар за Мајнц против Фортуна Дизелдорф и постигна гол со глава во 82-та минута.
Горан Попов по втор пат се најде во стартниот состав на ВБА и неговиот тим го победи КПР со 3:2 во 7-то коло од англиската Премиер лига.
Даниел Георгиевски закрепна по повредата и се врати на теренот со одлично издание за Стеауа. Тој беше асистент на единствениот погодок во 75-та минута при победата од 1:0 над Клуж, а во 45-та минута спаси чист гол откако ја расчисти топката од гол линијата.
Мартин Богатинов заработи директен црвен картон во 52-та минута од натпреварот помеѓу Зорја и Карпати, а до тој момент успешно ја бранеше својата мрежа. Врвната форма на Богатинов доби потврда минатата недела кога тој беше прогласен за играч на колото во украинската лига.
Бобан Грнчаров одигра 90 минути за Ботев Пловдив и беше столб на одбраната на неговиот тим при победата од 2:0 над Локомотив Софија.
Александар Лазевски го одигра целиот натпревар за Партизан при победата од 2:1 над Јавор.
Ванче Шиков беше во стартниот состав на Волин и одигра до 53-та минута, а неговиот тим забележа важна победа од 0:3 на гостувањето кај Металург Запорожје во украинската лига.
Величе Шумуликоски влезе во игра во 57-та минута за Тианјин, а во 64-та минута неговиот тим го постигна единствениот гол при победата од 0:1 на гостувањето во Шангај.
Агим Ибраими за прв пат оваа сезона не беше во стартниот состав на Марибо и неговиот тим го забележа првиот пораз по 13 кола во Словенија. Ибраими ги одигра последните 30 минути од натпреварот.