Рекорден број Македонци во Лига Европа

Во недостаток на македонски клубови во европските натпреварувања и на македонски фудбалери во клубовите кои играат во Лигата на шампиони, вниманието на македонската јавност ќе биде насочено кон Лига Европа каде оваа сезона ќе настапат дури осум наши играчи.

Никогаш до сега Македонија немала толку претставници во едно европско клупско натпреварување. Осум фудбалери со седум различни клубови вечерва ќе стартуваат со натпреварите во Лига Европа.

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев ќе го предводи нападот на Наполи против шведски АИК во натпревар од групата Ф каде на вториот натпревар од оваа група ќе се сретнат Дњипро и ПСВ.

Во групата Д, Иван Тричковски со Клуб Бриж му гостуваат на Бордо, а покрај нив во оваа група се и Маритимо и Њукаскл.

Најтешката задача ќе ја има Агим Ибраими чиј клуб Марибор се падна во група со Панатинаикос, Тотенхем и Лацио. На првиот натпревар од група Ј, Марибор вечерва го пречекува грчки Панатинаикос.

Тешка задача ќе има и Дарко Тасевски со израелскиот Шмона. Тие вечерва му гостуваат на Атлетик Билбао, а во групата И се уште и Лион и Спарта Прага.

Даниел Георгиевски со Стеауа му гостува на Штутгарт, а на вториот натпревар од групата Е, Копенхаген го пречекува Молде.

Единствениот македонски дуел ќе се одигра во групата Х. Партизан со Александар Лазевски и Стефан Ашковски вечерва го пречекува азербејџанскиот претставник Нефчи чиј член е Игор Митрески. Во оваа група се уште Интер и Рубин.

ЛИГА ЕВРОПА - 1. коло

19:00
Група А:
Удинезе – Анжи
Јанг Бојс – Ливерпул

Група Б:
Хапоел Тел Авив – Атлетико Мадрид
Викторија Плзен – Академика

Група Ц:
АЕЛ – Борусија Менхенгладбах
Фенербахче – Олимпик Марсеј

Група Д:
Бордо – Бриж
Маритимо – Њукасл

Група Е:
Копенхаген – Молде
Штутгарт – Стеауа

Група Ф:
Дњипро – ПСВ
Наполи – АИК

21:05
Група Г:
Генк – Видеотон
Спортинг Лисабон – Базел

Група Х :
Интер – Рубин
Партизан – Нефчи

Група И:
Атлетик Билбао – Ирони Шмона
Олимпик Лион – Спарта Прага

Група Ј:
Марибор – Панатинаикос
Тотенхем – Лацио

Група К:
Баер Леверкузен – Металист
Рапид Виена – Розенборг

Група Л:
Твенте – Хановер
Леванте – Хелсингборг

 

20 септември 2012 - 10:37