Реал Мадрид: 12 меча, 12 различни стартни состави

Кога по 7 минати кола во Ла Лига, Реал е петти, а Барса му бега 7 бода, тогаш јасно е дека нешто не штима кај Кралевите. Тие се освојувачи на двете последни изданија во Лигата на шампиони и едноставно недозволиво е клуб од таков калибар вака да ја стартува новата сезона.

Податокот од насловот звучи неверојатно, ама вистина е. По 12 средби, Зинедин Зидан ниту еднаш оваа сезона не повторил натпревар со едни исти 11 играчи. Тоа се однесува на сите мечеви, почнувајќи од Супер Купот во Скопје, преку Лигата на шампионите па се до домашното првенство.

Зинедин Зидан за година и пол освои 7 трофеи со Реал, го има костурот на тимот од минатата сезона и малку е чудно што на секој натпревар правел по некоја измена во поглед на стартните 11.

Она што веројатно му претставува најголем проблем се повредите, бидејќи на тие 12 меча му се повредиле дури 10 играчи. Интересно, единствениот натпревар на кој немал повреден играч е финалето со Манчестер Јунајтед во Скопје.

Актуелниот европски првак во месец август ги освои Супер Купот на Европа и Супер Купот на Шпанија, во ЛШ има две од две, ама проблем е шпанското првенство каде се наоѓа на петтата позиција.

 

 

4 октомври 2017 - 14:34