Капитенот на Вардар пред два месеци наполни 35 години непроценливи за позицијата на која игра. Неговото меѓународно искуство во Србија, Украина, Белгија, Израел, Кипар и Бугарија му донесе огромна фудбалска зрелост која ја користи како столб во одбраната на Вардар.
Кариерата ја почна во црвено-црвеното семејство во 1999-та, а годинава го живее сонот за кој мечтаеше и скопската публика, од која е зачуден како може да дојде во помал број на мечот со Зенит од оној со Фенербахче. Тешко се наоѓа друг капитен кој слави заедно со навивачите во кафана.
Кога Вардар за прв противник во квалификациите за ЛШ го доби Малме, клуб кој неодамна играше во групната фаза, очекувавте ли дека можете да стигнете до тука? Свесни ли сте за тежината на патот кој ве донесе до историја?
Ова ни е трета година како играме во Европа, првата испаднавме од АПОЕЛ, а втората од Динамо Загреб. Оваа година бевме спремни за Малме и после три години и после толку вложување на нашиот газда, ние моравме да го поминеме тоа 2. квалификациско коло, а потоа е полесно бидејќи остануваат уште два меча. Овие средби во групна фаза ги играме без терет, а на мечот со Малме имавме доста притисок и од страна на публика и од страна на клубот дека тоа прво коло мора да се помине. Се спремивме одлично на припремите, тогаш тренер ни беше тренер Гоце Седлоски, направивме успех и го поминавме тоа коло кое Вардар долго време го немаше поминато.
Малме, Копенхаген, Фенербахче, Зенит и Розенборг. Со кој од овие тешки противници беше најтешко да се игра?
Самиот резултат кажува дека најтешко беше со Зенит. На сите други натпревари одиграме перфектно. Со Малме примивме гол само во Струмица, а дома ги победивме сите и покажавме доста стабилна игра ова лето, единствено Зенит не отвори малку повеќе затоа што постигнаа многу рано гол. Потоа ние се отворивме и ни дадоа уште многу голови на наши грешки.
Што е тоа што го има Вардар, а го нема Шкендија која не успеа да го направи истиот успех во Европа?
Го нема карактерот на играчите кој 90% носи резултат и нема искуство како што имаме ние.
Имаше многу критики во јавноста околу посетеноста на натпреварот со Зенит на кој беше празен околу половина стадион. На што се должи тоа?
Тоа е срамота. Чекаш 20 години екипа да влезе во групна фаза, не 20 туку од осамостојување на Македонија. Со Фенербахче имаше повеќе публика отколку со Зенит, што е смешно. Ние играчите сме разочарани од јавноста. Тие можат да зборуваат колку сакаат, Вардар не игра добро, Вардар ваков, Вардар таков, но Вардар влезе во групна фаза од Лига Европа и не знам која друга екипа ќе го направи тој успех. Скопската публика мора да дојде и да не поддржи. На натпреварот со Шкендија немаше 300 души, што е срамота. Замислете како ние е нас кои сме имале поддршка во странство на секој меч од 20-30.000 луѓе, а потоа доаѓаш тука да играш во Автокоманда или во Ѓорче пред 30 души или па на Градски, толку голем и одличен стадион и да играш пред 150 луѓе. Катастрофа.
Што мислиш за новите засилувања? Итало даде гол против Шкендија, а Максимов имаше одлично деби.
Штом се во Вардар, сигурно се квалитетни и ете тие двајца играчи со Шкендија покажаа доста квалитет. Итало влезе и ја сврте средбата, а Максим според мене мислам дека треба да се спреми уште малку физички и ќе биде едно големо засилување за нас, одличен ќе биде.
Како изгледа една работна недела на фудбалер на Вардар особено оваа сезона кога распоредот е турбо и во некои седмици имате натпревари недела - четврток – недела?
Од тие 7 дена, ние 4 дена сме во карантин. Во понеделник и вторник имаме малце полесни тренинзи поради мечот кој сме го играле во недела. Потоа се спремаме за меч во среда ако е Куп на Македонија или четврток во ЛЕ. Доаѓаме во среда околу 12:00, потоа ни следи ручек, па тренинг и остануваме во карантин до 19 часот следниот ден, тоа се скоро цели два дена пред натпревар и си одиме дома после 12 ноќта. Во петок следува опоравување, сабота повторно тренинг па карантин до следниот ден во недела кога се игра првенство.
Како Грне го поминува слободното време и каде може да те видат луѓето низ Скопје? Имаш ли некои омилени места на кои ги полниш батериите?
Женет сум со три деца така што почесто сум дома, а понекогаш сакам да излезам после натпревар, но тоа е ретко посебно во ваков распоред. Најмногу слободно време имаме во паузите во декември и јуни. Инаку за излегување има многу кафани во Скопје, како Скопски Мерак, Боемска улица и некои дискотеки. Каде што има музика и добра атмсофера, јас сум таму. Но слободно време за такво нешто може да се најде само после натпревар. Инаку Скопје не е град каде секој ден има журка, туку во четврток, петок, сабота, не е како во Белград каде се почнува со журка уште од понеделник.
Јавноста имаше можност на видео клипови да ја гледа вашата прослава која заедно со Комитите се случуваше на боемска улица по враќањето од Турција. Вистинска реткост е да се види како капитенот на тимот пее и скандира по нотите на еден од водачите на групата. Како успевате да гаите толку близок однос со навивачите?
Јас играв во Вардар уште како дете, капитен сум на екипата, знам доста песни и како помал сум одел да навивам на запад. После таков успех нормално дека сме сплотени сите. Ние слетавме во Турција во 4 сабајле и со 3-4 саати спиење одма отидовме на журка. Тој ден ќе го паметам додека сум жив. Имам играно Лига на шампиони со АПОЕЛ, но ова за мене е поголемо остварување бидејќи е со својот матичен клуб за прв пат во историјата. Со Комитите имаме една добра соработка, не поддржуваат на секој меч и дома и на гости. Морам да ги поздравам момците бидејќи до Норвешка патуваа не знам колку точно, мислам 40 часа, само за да не гледаат 2 часа и да се вратат. Тоа е за еден голем поздрав, јас не би го направил никогаш за било која екипа во свет.
Изгледавте ли некоја лента од игрите на Реал Сосиедад? Што мислите за нив? Им ги најдовте ли слабите точки?
Во последно време имаат некој пад во играта и сега се во мала криза, а претходно имаа 4-5 победи по ред. Инаку се работи за типично шпанска екипа која преферира пас игра на нога, значи играат технички фудбал, сакаат да владеат со топката, ги следиме, ги гледаме и ги анализираме. Се надевам на игра во втора зона, треба добар блок да направиме, дефанзивно добро да се одбраниме и се надевам дека ќе постигнеме гол и ќе победиме. Секоја екипа што доаѓа во Скопје може многу лесно да се победи, ако играме како што треба.
Што научивте од досегашите средби во квалификациите и фазата по групи?
Научивме дека секаква мала грешка се казнува. Во македонско првенство може да се направи грешка, да се загуби топка во средина или во напад и тоа да не значи ништо. Но тука може од едно мало невнимание да се прими гол како што се случи со Зенит и Розенборг. Во Норвешка одиграме еден перфектен меч и имавме повеќе посед и повеќе удари на гол, но резултатот беше 3:1.
Кои екипи според вас ќе конкурираат за пехар во ЛЕ?
Мислам дека една од нив ќе биде Зенит затоа што играат фантастично, го победија и Реал Сосиедад, за втора екипа не знам, не сум размислувал. Зенит го знам, го пратам подолго време и кога играв во Украина имавме доста пријателски средби со руските екипи. Многу се квалитетни, имаат одличен тренер и мислам дека ќе стигнат до полуфинале или финале.
Капитен сте на актуелниот шампион на Македнија, столб на одбрана со одлични партии на европските натпревари. Од тука логично се наметнува прашањето зошто ве нема повеќе во репрезентацијата?
Цела фудбалска јавност знае дека јас пред 4 години бев капитен на македонската репрезентација и имав конфликт со Илчо Ѓоргиоски, но кој нема со него, мислам дека секој спортист имал проблем со него. Имавме дискусија околу тоа како да се игра за репрезентацијата. Беше договор да се игра од љубов, да не се игра за пари, но од негова страна не беше така. Тој сакаше од нас да играме од љубов спрема репрезентацијата, да не доаѓаме за заработка, што е нормално, но јас поставив едно логично прашање. Ние ќе играме од љубов, но и вие и селекторот да работите од љубов. Тој се налути и на следниот меч мене не ме повика. Тогаш сите играчи требаше да ме поддржат, затоа што јас не го зборев тоа за мене, туку тоа беше договор со играчите и јас како капитен го пренесов мислењето на сите. Но играчите не застанаа на моја страна, секој си го гледаше својот грб. Поминав доста години во репрезентацијата, сум играл доста години во Европа така што Илчо Ѓоргиоски и репрезентацијата повеќе не ме интересираат.
Како би ја оцениле играта која ја прикажаа во последните квалификации?
Играат одлично и постигнуваат доста голови. Мислам дека на овие квалификации нема натпревар на кој немаат постигнато гол. Играат доста офанзивно, имаат одличен напад. Со играчите од У-21 кои им се приклучија добија на квалитет, но местото е пак катастрофално. Значи сè е како што треба, а завршивме 5-ти на табела, што не е добро. Имавме загубени бодови од Албанија кои не требаше да ги изгубиме, во Скопје со Израел и Италија, во Струмица со Албанија требаше да се победи и тие се тие киксеви. Со една победа плус ќе бевме трето или четврто место. Вака тие игри паѓаат во вода, никој нема да ти каже како си играл, туку на кое место со завршил. Штом си петти, треба некој да сноси одговорност.
Добивме ли конечно стабилна одбрана во репрезентацијата со твоите клупски колеги Муслиу и Велковски, бидејќи тоа беше слаба точка?
Секако, за мене тоа се двајца доста квалитетни играчи и имаат доста фудбалско знаење, а тоа го покажуваат веќе 4 натпревари. Мислам дека во наредните 10 години ќе бидат вистински лидери во репрезентацијата и ќе нема кој да ги смени.
Што треба да направи Вардар следната година за да биде поконкурентен во Европа?
Потребни се добри засилувања. Ама да донесат засилувања кои ќе бидат подобри од нас, а не послаби или на исто рамниште со нас. Ако донесат 2-3 квалитетни играчи кои ќе направат разлика, тимот ќе добие и на стабилност и на организација на игра. Потоа секако менталитетот на играчите треба да се промени, да веруваат дека можеме да ја победиме секоја екипа. Штом во Скопје падна Фенербахче, Копенхаген, Малме, тогаш ние можеме да играме со секоја екипа, освен со тие топ екипи кои се вонсериски.
Лига Европа останува како цел и следната година?
Не. Вардар и оваа година се бореше за Лига на шампиони. Тој меч против Копенхаген со играч повеќе не делеше 12-13 минути од резултат по кој ќе ни останеше уште едно коло. Се надевам дека другата година ќе стигнеме до ЛШ.