Мотивацијата на првиот меч во Скопје против Белгија со оглед на тоа што се играше пред домашна публика, но и по три победи во низа, можеби беше поголема, но избраниците на Чеде Јаневски немаат што да загубат на вечерашниот меч.
Јасно е дека во нашата група А, Белгија и Хрватска се одлепија на водечните две позиции со кои се обезбедува билет за Бразил, но за Македонија тоа не треба да претставува обесхрабрување и откажување, затоа што до крајот на овие квалификации остануваат уште 5 кола.
Тоа е одлична можност за одржување на добрата игра на нашите репрезентативци, потоа остварување на тактичките замисли на Јаневски кој ја освежи репрезентацијата со модерен и напаѓачки фудбал и секако одржување на позитивната атмосфера во нашиот табор.
Љубителите на фудбалот сигурно дека ја очекуваат и посакуваат истата игра од „Филип Втори" со која Македонија се носеше рамо до рамо со богатиот и силен состав на Белгија. Се уште се навраќаме на стартот од мечот кога преку шансите на Јаховиќ и Тричковски можевме први да го отвориме резултатот.
Најмногу радува фактот што нашиот национален тим и покрај негативата од еден, а потоа и од два гола не се откажа и продолжи да се заканува пред голот на Белгија. Тоа го очекуваме и на вечерашната тешка пресметка на која Белгијците ќе се борат за лидерското место во групата, а ние за достоинство, престиж и поволен резултат.