Рафа Надал го носи чудото од дете во Реал Мадрид

Најновиот фудбалски бисер доаѓа од Мајорка, а на Сантијаго Бернабеу го сметаат за фудбалер на долги патишта. Поради забраната за трансфери, Барселона не можеше да го ангажира Марко Асенсо летово, а Реал ги претрка Челси, Арсенал и Манчестер Јунајтед.

Надвор од Палма, луѓето за Марко Асенсио слушнале само како за тинејџер кој никогаш не играл за најдобрите шпански клубови. Некои разбраа за него кога селекторот на црвената фурија, Висенте дел Боске го означи за најголем талент на Пиринеите. Тоа беше доволна причина Реал Мадрид, Барселона и премиерлигашкото трио Челси, Арсенал и Манчестер Јунајтед да загризат за 18-годишниот вундеркинд.

Летово Барса беше најблизу до негов потпис. Асенсио по мајка е Холанѓанец и навивачите на Барселона во него го гледаа идниот Јохан Кројф, меѓутоа Мајорка не го пушти на Камп Ноу а Каталонците добија забрана за трансфери.

Минатата недела, Реал Мадрид ја искористи грешката на Барса и за 2,5 милиони фунти го потпиша Марко Асенсио. Според договорот со кралскиот клуб, Асенсио ќе ја доигра сезоната во Мајорка, а доколку екипата од Балеарските острови не влезе во Примера, тој ќе биде позајмен на друг клуб од првата лига.

Во истиот момент кога Реал Мадрид го потпиша Асенсио, сите помислија на Иско и Серхио Каналес, фудбалери кои како големи таленти дојдоа во Реал, но само првиот ја оправда довербата.

Разликата меѓу Иско и Асенсио е тоа што поранешниот фудбалер на Малага во Реал дојде како созреан играч, што играл Лига на шампиони и две сезони првотимски фудбал. Од друга страна, повредите го спречија Каналес да покаже со што располага. Серхио Каналес за Реал потпиша 6-годишен договор кога имаше 19 години. Во моментов има 23 и по 15 настапи за кралскиот клуб отиде на позајмица во Валенсија, а сега во Реал Сосиедад.

Марко Асенсио е роден 1996. година, а во Мајорка дојде на 10-годишна возраст. За Б тимот на црвените играше на 16 години а на 17 веќе стана стандарден првотимец кај тренерот Валери Карпин. Асенсио сезонава даде 3 гола, а има и 6 асистенции. Го одликува одлична игра со левата нога, прецизен пас и навремено додавање и дриблинг. Неговиот начин на игра е споредуван со оној на Давид Силва.

Според шпанските медиуми, тенисерот Рафа Надал одиграл клучна улога во неговиот трансфер од Мајорка во Мадрид. Рафа е познат како голем навивач на кралевите, а роден е во Мајорка.

16 декември 2014 - 14:59