ПСЖ со помош на Шеиците до најмногу приходи

Клубовите од Премиер лигата во однос на заработка се недостижни на светската фудбалска мапа. Во просек една екипа од островот од спонзори и реклами заработува по 35 милиони евра годишно, во Шпанија 20, а во Русија 16,4.

Според податоците на „Calcio & Business“ клубовите од англиското првенство во сезоната 2012/2013 оствариле приходи од 682 милиони евра, втори се Бундес лигашите со 506, а трети се Шпанците со заработка од 428 милиони евра.

Во конкуренција на клубови лидер на табелата е најбогатата франуска екипа ПСЖ, а тоа се должи на сопственоста на Qatar Sport Investment и финансиските инјекции кои ги добива од моќните газди од Катар.

Втората позиција ја држи актуелниот европски шампион кој само од спонзори и реклами минатата сезона инкасирал 237 милиони евра. Благодарение на европската титула нивните приходи од продажба на дресови и сувенири пораснале за 44% и тие изнесуваат 83 милиони евра.

Баварците сезонава ќе бидат уште побогати затоа што потпишаа договори со Кока Кола, Дојче Телеком, потоа со најголемата авиокомпанија во Европа, Луфтханса во износ од 30 милиони евра годишно, како и со Адидас од 25 милиони годишно спонзорство.

По Германците, следува Реал Мадрид кој има годишни приходи од 211 милиони евра. Шпанскиот гигант привлекува внимание во многу светски компании, а сезонава на дресовите на фудбалерите стои гигантскиот авиопревозник Емирати.

Најстабилниот клуб на ова поле од Премиер лигата кој се наоѓа на четвртата позиција е Манчестер Јунајтед со одличен скок на годишни приходи од 30%. „Црвените ѓаволи“ имаат огромна популарност во азиските земји, како и свои канцеларии во Хонг Конг. И покрај лошите резултати, тие од наредната сезона од Џенерал Моторс и Најк годишно ќе инкасираат вкупно околу 150 милиони евра.

27 март 2014 - 14:28